Прва и единствена од банките што ги отвори вратите за милениците е Шпаркасе, а тука се вбројуваат и десетина кафулиња и угостителски објекти во Скопје
Колективната свест за третманот на животните на јавен простор кај нас сѐ уште не е на завидно ниво, дури и кога станува збор за домашните миленичиња. Ретко кој трговски центар е расположен да ги отвори вратите за крзнените миленици. Животни не се примаат во кафулиња, во автобуси, јавни установи, институции, културни центри… Секоја чест на исклучоците.
Ирина Велјановска е само една од љубителите на животни, кои секојдневно се судираат со вакви пречки. Според неа, проблемот е културолошки и треба да се најде начин да се надмине.
– Сѐ уште постојат доза страв и недоверба, веројатно поради недоволна едуцираност и поради недоволно почитување на законските прописи и правила. Индивидуалната свест од друга страна е на високо ниво, па кога станува збор за љубителите на животни или за оние што чуваат миленик, тие се свесни за придобивките и потребата од тоа да можат своето милениче да го земат со себе додека пазаруваат, во ресторан и сл. Ваквиот пристап не само што би овозможил поголема рамноправност и би се ослободиле од стигмите за животните, туку би им го олеснил и животот на граѓаните.
Особено, кога станува збор за куче-помошник. За жал, во нашата земја сѐ уште се соочуваме со структурни проблеми и со огромен број бездомни и напуштени миленици, вакцинација, чипирање и слично. Па оттаму ваквото прашање за прифаќање на милениците на јавни места сѐ уште не е начнато и отворено, но, секако, би требало да се земе предвид за разгледување – вели активистката за правата на животните, Илина Велјановска.
Таа додава дека во европските и генерално во поразвиените држави, постојат правила за однесување на сопствениците, на милениците и таму веќе подолг период е дозволено внесување на милениците во трамвај, трговски центри и слично.
– Во државите-членки на Европската Унија граѓаните некако веќе се навикнати на таквиот систем на функционирање и се научени да живеат во хармонија и заедништво со животните. Таму тоа веќе не претставуваат проблем. Напротив, постојат многу бенефиции, особено кога станува збор за миленичиња, кои им се помошници на лица со попреченост или со некаков вид хендикеп и кои не би можеле нормално да ги извршуваат секојдневните активности без своето милениче. Сметам дека е неопходно, по примерот на развиените земји, Македонија да направи чекор напред и да се отвори прашањето за третманот на милениците на јавен простор – додава Илина.
Сепак, во нашата земја има пет места и институции во кои милениците се добредојдени. Прва и единствена од банките што ги отвори вратите за милениците е Шпаркасе. Ваквиот пример би требало да го следат и други банки и институции, со оглед на фактот дека оваа иницијатива функционира одлично, многу им значи на сопствениците и е прифатена од граѓаните.
– Во нашиот фокус се потребите на клиентите и светските трендови. Сѐ повеќе угостителски објекти и институции во нашата држава се приспособуваат на очекувањата и потребите на своите клиенти, особено во создавањето услови за посети со своите домашни миленичиња. Затоа, ние уште од средината на минатата година одлучивме нашите експозитури да бидат достапни за посети со домашните миленици и да им овозможиме на нашите клиенти и посетители да ги завршат своите банкарски обврски заедно со нив. Во овие експозитури е одреден простор за домашните миленици, во кој обезбедивме чинија за вода и простирка на која можат да седат – вели Тодорка Сајкова, директорка на службата за маркетинг и комуникација во Шпаркасе банка.
Тука се вбројуваат и десетина кафулиња и угостителски објекти во Скопје.