Фото: Игор Бансколиев

Партиите и од власта и од опозицијата постојано и сѐ позасилено меѓусебно се обвинуваат за сторени криминали во разни области.
Само изминатава недела имаше цел куп вакви меѓусебни обвинувања со тенденција тие да продолжат, па дури и да се интензивираат.
Партиите толку се обземени и опседнати со темата криминал во туѓите редови, што се заборава сѐ друго, иако државата е исправена пред мноштво други сериозни предизвици. На што се должи ваквата реторика и што се сака да се постигне?

ПОЛИТИЧАРИТЕ СО ИДЕНТИЧНА РЕТОРИКА ПРЕД СЕКОИ ИЗБОРИ

Како што се наближуваат локалните избори закажани за есенва, политичките партии во земјата, и во македонскиот и во албанскиот табор, ја подгреваат атмосферата и ја засилуваат кампањата, која главно се состои од меѓусебни напади и обвинувања. Притоа реториката за речиси секои избори е идентична и наједноставно се сведува на изреката – Држете го крадецот.
Партиите од власта и од опозицијата постојано и сѐ позасилено меѓусебно се обвинуваат за сторени криминали во разни области.
Партиите и политичарите толку се обземени и опседнати со темата криминал во туѓите редови, што се заборава сѐ друго, иако државата е исправена пред мноштво сериозни предизвици, како блокадата од Бугарија,справувањето со пандемијата, закрепнувањето на економијата итн.

Партиска реторика

Во контекст на актуелните случувања, за нотирање е последно соопштение на владејачката СДСМ, која информира дека ВМРО-ДПМНЕ е симбол за криминал и корупција, а единствената агенда на Христијан Мицкоски е одбрана на криминалците. Лидерот, пак, на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава поврзана со изградбата на Клиничкиот центар истакна дека неговата партија нема да учествува во криминалот на векот. Партијата Левица, осврнувајќи се на извештајот на УНЕСКО за Охрид, вели дека извештајот е потврда дека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го штителе криминалот во овој град.
Ништо поразлични не се состојбите ниту во албанскиот табор на партии. Владејачката ДУИ неодамна го обвини градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, за незаконско и криминално работење во издавањето на тендерите на општината, а од друга страна Алијанса за Албанците и Алтернатива тврдат дека нашите судови и обвинителства продолжуваат да бидат партизирани и исполитизирани, дури и во служба на политички функционери, штитејќи ги нив и криминалот наместо да ги обвинуваат за кршење на законот.

Прстот секогаш вперен кон противникот

Политиколозите и аналитичарите со кои се консултиравме велат дека партиите тенденциозно ја користат реториката со криминално обвинување на нивните ривали, бидејќи на таков начин најлесно грабаат политички поени и кај електоратот и кај меѓународната јавност.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека обвинувањата за криминал се фолклор пред секои избори во нашата земја и сето тоа се должи на две причини.
– Имено, првата причина е дека обвинувањата за криминал му го нарушуваат кредибилитетот на сопарникот, а лепењето етикети за криминална инволвираност многу полесно поминува кај гласачите отколку градењето нова модерна и солидна политичка програма. Втората причина поради која партиите сѐ повеќе се обвинуваат за криминал од претходно е фактот дека темата за владеењето на правото во Македонија е многу високо на агендата за членство во Унијата, па на овој начин партиите, освен што ќе придобијат поени кај гласачите, се надеваат дека истото тоа ќе го добијат и во очите на меѓународната јавност и на дипломатските претставништва на меѓународните организации во земјата – вели Арсовски.
Аналитичарот додава дека институциите, полицијата и обвинителството, ретко кога се нафаќаат навистина да ги истражат исказите за криминал бидејќи тие се во тријажна состојба и не можат насекаде да дејствуваат, односно немаат доволно кадар и практично само дејствуваат на најбитните случаи и ги „гаснат“ огновите за потенцијален криминал.
Политикологот Синиша Пекевски, пак, вели дека пејзажот на обвинување за криминални активности на партиите е нелогичен, бидејќи на ваков начин партиите вршат притисок врз институциите.

– Имено, нелогично е владејачките партии, чии луѓе практично го сочинуваат ткивото на институциите, да обвинуваат за криминал, ако се знае дека нивните кадри по службена должност веќе работат на проблематиката. Од друга страна, нормално е опозицијата да го тврди тоа, но таму пак недостига вистинска иницијатива за развој на напредна политичка кампања, и се добива впечаток дека се потпираат повеќе на ваквите обвиненија отколку на работа на терен за извојување победа на следните избори – вели Пекевски.
Дополнително подвлекува, Пекевски, оваа тема партиите ја избираат и тенденциозно бидејќи таа предизвикува најголема иритација кај нашите граѓани бидејќи е најболната точка во животот на обичните луѓе, кои секојдневно се соочуваат со коруптивни дејствија насекаде околу нив.

Обвинителите да проценат што е пропаганда, а што индиција

Од друга страна, спротивно од големиот број јавни изјави поврзани со тврдења за криминални активности на нашите политичари, Јавното обвинителство во земјата ретко кога се активира во дејствувањето по некое одредено тврдење.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека не постои правна норма или регулатива како обвинителите да реагираат на овие изјави на политичките партии, кои се чини редовно се обвинуваат едни со други за криминал.
– Сѐ зависи од тоа какви луѓе ги раководат институциите и како тие ги проценуваат доспеаните гласови и индициите за криминал, кои можат да потекнат од овие партиски соопштенија – вели Илиев.
Тој објаснува дека во суштина, колку и фолклорот за криминално обвинување да изгледа напорен за јавноста, тој сепак некогаш може да биде полезен и од него навистина да произлезе истрага од која некое лице може да се обвини и осуди за криминал.
– Ако индициите за криминал се спојат со одредени докази, тогаш во правната теорија се добива факт, а тој факт изнесен пред суд, може да осуди одредено лице за одредени криминални дејствија – вели судијата.
Тој објаснува дека, за жал, правосудството е вовлечено во несакани политички битки во Македонија, каде што константно обвинителите мораат да проценуваат што е политичка пропаганда, а што е вистинска индиција за криминал.
– За жал, овие состојби не се типични само за Македонија туку нив ги има насекаде во сите земји од регионот, но дури и во Америка, каде што политичките моќници на оваа земја го прават истото што го прават и нашите политичари – резимира Илиев.

[email protected]