Пионерите на Металург со победничкиот пехар

Нашите млади ракометари уште еднаш потврдија дека Металург има иднина на која може да биде горд, бидејќи има квалитетни играчи и тренери што работат на нивно подигнување и усовршување, изјави Оливер Димитриоски, предводникот на металурзите на завршниот турнир

Металург продолжува со својата шампионска доминација во младите категории. Пионерите на Металург ја вратија шампионската титула во витрините во „Автокоманда“, откако во финалето на завршниот фајналфор-турнир одигран во Струга славеа против екипата на КЛ-7 со 21-20 (12-8).

Оваа е трета титула сезонава што завршува во рацете на подмладокот на Металург, откако претходно, шампиони на Македонија по четврти пат по ред станаа младинците и младинките на Металург. Во малото финале на завршниот турнир за пионери третото место го освои екипата на Алушовски по победата над Шампион со 24-16.

Шампионската титула на пионерите на Металург дојде како круна на одличната сезона во која забележаа 14 победи во 14 одиграни натпревари.

– Им честитам на момците за борбеноста и за мотивот со кој ја одиграа целата сезона, а посебно двата меча од завршниот турнир со кои ја крунисаа титулата.

Демонстриравме квалитет и доминација во секој сегмент од играта. Нашите млади ракометари уште еднаш потврдија дека Металург има иднина на која може да биде горд, бидејќи има квалитетни играчи и тренери што работат на нивно подигнување и усовршување. Оваа трета титула на Металург во младите категории сезонава е само уште една потврда за посветената работа на сите тренери во нашиот клуб и мотив за уште помотивирана и поуспешна работа во иднина. Горди сме што Металург со дела демонстрира дека е најголем расадник на ракометни таленти во Македонија – изјави Оливер Димитриоски, предводникот на металурзите на завршниот турнир.

Трите титули на Металург сезонава се вистинска потврда за епитетот што го носи ракометната академија на Металург – ракометен расадник на таленти и репрезентативци. Металург со свои ракометари и ракометарки доминира во сите репрезентативни категории на националните тимови на Македонија, а доминира и според бројот на освоени шампионски титули во младинска, кадетска и во пионерска конкуренција. Во последните пет сезони, заклучно со сезоната 2017/2018, младите ракометари и ракометарки на Металург освоија 16 шампионски титули, плус три од сезонава, во која допрва следуваат шампионатите во кадетска и во пионерска конкуренција за девојчиња. 


Тројца металурзи во идеалната седморка на турнирот

Според гласот на тренерите предводници на екипите на завршниот фајналфор-турнир во Струга за пионери, Металург ги има најдобриот организатор на игра, Филип Петровски, најдобриот десен бек, Филип Николов, и најдоброто десно крило, Александар Петровски.
За најкорисен играч (МВП) на турнирот беше прогласен Емилијан Ѓорговски од екипата на КЛ-7 Струга, кој го освои и пехарот за најдобар стрелец, а за најдобар голман беше прогласен неговиот клупски другар Иван Галевски. Место во идеалниот тим добија и левото крило од Шампион, Бранко Галевски, левиот бек на КЛ-7 Емилијан Ѓорговски и пикерот на екипата Алушовски Стефан Донев.

Најдобриот состав на турнирот во друштво со Кирил Лазаров

Шампионскиот тим од Aвтокоманда

Давид Ацевски, Давид Брестовац, Филип Димевски, Филип Фидановски, Дамјан Субашевски, Томи Димковски, Михаил Тотиќ, Андреј Стојановски, Александар Петковски, Олег Јорданов, Филип Јазаџиев, Филип Петровски, Давид Меловски, Филип Николов, Марко Стојковиќ и Иван Андревски.