Во 2-то коло на Регионалната лига Металург игра со белорускиот тим, од кој летово заминаа седуммина, а пристигнаа четворица, како и новиот тренер, Маноло Каденас, некогашниот селектор на Шпанија
Ракометарите на Вардар и на Железничар синоќа го отворија 2-то коло од Регионалната лига, во кое денеска (17.15 ч., пренос на МТВ) младата екипа на Металург ќе го има вториот сериозен предизвик сезонава, на мечот со белорускиот првак Мешков Брест. Стратегот на металурзите Данило Брестовац свесен е за квалитетот и за искуството на противникот и ќе се потруди од екипата на терен да го извади најдоброто.
– Свесни сме за квалитетот со кој располага белорускиот состав, така што ова ќе биде уште еден натпревар во кој ќе се концентрираме на подобрување на перформансите на играта во одбрана и во напад. Уште не сме на потребното ниво за да можеме тактички да се подготвуваме за некоја екипа. Нѐ чека уште многу работа, но најважно е што сме на добар пат и што од натпревар на натпревар покажуваме подобра игра – изјави Брестовац.
Белорускиот првак сезонава ќе игра по „шпански ноти“. Поранешниот тренер на Брест, Сергеј Бебешко е заменет со Шпанецот Маноло Каденас (селектор на Шпанија од 2013 до 2016 година, а до лани кормилар на Аргентина), кој во претсезонските натпревари најави дека неговиот тим сезонава ќе игра помодерен, побрз и подинамичен ракомет.
Тимот на Брест го напуштија седуммина стандардни првотимци, и тоа централниот бек Димитри Николенкау, голманот Раде Мијатовиќ, левото крило Љубо Вукиќ, пикерот Растко Стојковиќ, десното крило Рајко Продановиќ и десните бекови Константин Игрополу и Алех Астрашапкин, а на нивно место дојдоа централните бекови Александар Бачко и Сандро Обрадовиќ, десното крило Дарко Ѓукиќ и десниот бек Шиме Ивиќ.
Шесте победи, над Веспрем, Вардар, Спартак, Макаби, Рибница и над Таргет, и еден пораз од ПСЖ во подготвителниот период, се најава за високите амбиции на белорускиот состав сезонава. Во 1-то коло од Регионалната лига Мешков беше подобар од Извиѓач со 33-29, а убедлива победа забележа и во домашното првенство, над Гомел (43-21).