Македонскиот вицепрвак во Маврово ќе се подготвува до 17 август, а веќе следниот ден, на 18 август во Струга ќе го има првиот официјален меч во новата сезона, во мечот за Суперкупот на Македонија, против првакот Вардар
По воведните тренинзи во Скопје, ракометарите на Металург веќе неколку дена се во Маврово каде што ќе работат на подобрување на физичката подготовка и на техничко-тактичкото воигрување на екипата.
– Работната и воопшто атмосферата во екипата е одлична. Во зависност од програмата што ја имаме предвидено, тренираме двапати, но и трипати дневно. Радува тоа што ракометарите се исполнителни и со максимална посветеност ги извршуваат поставените задачи, бидејќи само со таква тимска работа можат да се реализираат посакуваните цели – изјави тренерот на голманите Петар Мисовски, кој заедно со помошник-тренерот Оливер Димитриоски и со кондицискиот тренер Кристијан Кајчевски ги реализира подготовките на Металург.
Првиот тренер, Данило Брестовац е отсутен поради селекторските обврски со кадетската репрезентација на Македонија на ЕХФ-шампионатот во Грузија.
Со доаѓањето на Хрватот, Халил Јагањац и новиот централен бек, Белгиецот Арбер Ќерими, металурзите речиси го формираа ростерот со кој ќе се натпреваруваат во Лигата на шампиони (ЛШ), во регионалната Сеха-лига, и во домашното првенство и Купот.
– Подготовките се одвиваат на максимално ниво, бидејќи кратко е времето до првиот меч од Суперкупот против Вардар. Напорно е, но атмосферата е на ниво, и од тренинг на тренинг влегуваме во сѐ подобра форма. Новите играчи одлично се прифатени од екипата, работиме тимски, бидејќи тука сме да создадеме тим со кој достојно ќе ги браниме боите на Металург во сезоната што следува. Тим што ќе функционира како една целина, и кој во секој меч ќе го дава максимумот – изјави голманот Мартин Томовски.
Македонскиот вицепрвак во Маврово ќе се подготвува до 17 август, а веќе следниот ден, на 18 август во Струга ќе го има првиот официјален меч во новата сезона. Во мечот за Суперкупот на Македонија, противник ќе им биде шампионот Вардар.
На 28/29 август почнуваат натпреварите од регионалната Сеха-лига со стандардните дерби-дуели во 1-то коло. Со гостувањето кај Спортинг Лисабон, на 15 септември, металурзите ќе ја почнат годинашната авантура во ЛШ.