Секое парче што се заробува, претходно поминува процес на дехидрирање ако е течност, сушење ако е цвет или инсект и запечатување ако е лист хартија. Смолата не трпи влага, па затоа потребно е сѐ да биде правилно подготвено
Катерина Габунија изработува накит од епоксидна смола. Оваа млада скопјанка, која по професија е педагог, но и голема уметничка душа, рачно произведува алки, прстени, обетки и ѓердани, во кои става најразлични предмети, зависно од желбите на купувачите. Надвор од Македонија не е ново изработувањето накит во кој има предмети што се драг спомен, но кај нас ова е новина.
За накитот што може да се најде под името „серендипити“, за начинот на изработката, за тоа што најмногу бараат луѓето да купат, Габунија зборува во интервју за „Нова Македонија“.
Неодамна на социјалните мрежи вашиот уникатен накит стана многу популарен, бидејќи во секое парче смола ставате предмет или растение. Како го правите тоа?
Да, во последнава година почнав интензивно да работам со епоксидна смола. Процесот на заробување предмети ми е најинтересниот и омилен дел за работа, но исто така е најделикатен и бара голема посветеност и време. Секое парче што се изработува, поминува претходно процес на дехидрирање ако е течност, сушење ако е цвет или инсект и запечатување ако е лист хартија. Смолата не трпи влага, па затоа потребно е сѐ да биде правилно подготвено.
Овој начин на создавање накит е популарен во светот. Како дојдовте до идеја токму тоа да го работите вие?
Идејата да почнам со изработка на накит од смола дојде навистина спонтано. За тоа е заслужно едно мало цветче, кое го има кај нас во секој тревник, тоа е дивата темјанушка, омиленото цвеќе на мојата мајка. Многу сакав да си направам ѓердан или каков било спомен со него. Барајќи по Интернет, ги видов изработките од епокси и морав, морав да се обидам и јас да создадам нешто такво. Така почнав да изработувам ѓердани со најразлични растенија во нив, потоа вметнував и сликички, но и инсекти.
Она што може да се забележи е дека интересот кај жените е огромен за целата палета производи, но посебен интерес има кај мајките, кои бараат да им ставите мајчино млеко во накитот, нешто што потоа им останува како траен спомен од периодот на доењето на нивните бебиња. Дали тоа е тешко за работа?
Да, заробувањето мајчино млеко во смола стана популарно за многу кратко време. Откако моите клиенти видоа дека може во смола да ставам прво паднато запче на дете или, пак, праменче косичка од денот на крштевката, добив нарачка да го направам истото тоа со капка мајчино млеко. Не ветував ништо, се консултирав со многу луѓе во Европа и во Америка што го работат истово со години и се обидов да го направам истото тоа по многу теорија и учење. Потребни ми се 10 милилитри млеко, кое го загревам до одредена температура, по што го дехидрирам. Потоа следува сврзување со одредена смеса, но не ви откривам каква бидејќи е занает во прашање, а потоа тоа го мешам со смолата и го излевам во модла. Морам да признаам дека е голем предизвик и воопшто не е лесен процесот додека се изведе сето тоа. Но така учиме со секоја нова нарачка, добивам нов предизвик и огромна желба за изработка.
Што најчесто бараат, нарачуваат оние на кои им се допаѓа твојот накит и за колку време успеваш да им го изработиш?
Досега најмногу работев накит со растенија, камчиња од природата. Тоа беше одлично прифатено. Но откако мајките ги видоа изработките со заробена капка млеко, косичка, запче како и папочна врвца, тоа е она што во последниве недели најмногу го изработувам и ми го бараат. Надвор од Македонија ова е начин на зачувување драг спомен веќе со години, сепак кај нас е новитет, кој еве, одлично е прифатен кај луѓето.