Сериозните приказни за рок-музиката се бренд-приказни за нејзините симболи. Еден таков музички симбол, поточно музичка икона, е и Марк Болан. Тој е музичар, кантавтор, поет, пејач и лидер на музичката група „Ти рекс“ од Велика Британија. Препознатлив е по својот специфичен вокал и важи за основоположник на музичкиот правец глам-рок. Тој е еден од најпознатите личности во музичкиот свет од 1970-тите години. Вистински прототип на музичка ѕвезда – првосвештеник на новиот култ на тоа време – глам-рокот. Влијанието на Марк Болан и Т. Рекс во светот на музиката е огромно. Покрај тоа што тој и неговиот состав се зачетници на глам-рокот, тие имаа и големо влијание на жанровите како панк-рок, постпанк и брит-поп. На почетокот на својата кариера ги сместуваа на хипи андеграунд-сцената, а во подоцнежната фаза, најпрвин кокетираа со фолк, а потоа и со соул и фанки-звукот.
Од мали нозе имал чувство дека е посебен и поинаков од своите врсници. Ја сакал музиката, а омилена песна му била „Балада за Дејвид Крокет“ од Бил Хејз, кантавтор од САД. Инаку, бил воодушевен од музиката на Чак Бери и другите основоположници на рокенролот. Кога првпат ја слушнал „Rock Around The Clock“, тој веќе ја открил својата животна мисија. Подоцна ги слушал песните на Еди Кокран, а во 1960-тите ги поминувал своите тинејџерски години како мод. Благодарение на својот изглед, добива работа како модел, а потоа и своја колумна во весник, каде што пишувал за трендовите што треба да се следат за да се биде „ин“. Сепак, на седумнаесет години ѝ се враќа на музиката, обидувајќи се да ги следи патеките што ги поставил Боб Дилан, почнал да свири акустична гитара и славно пропаднал. Кратко време оди во Франција и отседнува во замокот на еден окултист и оттогаш неговите песни се под влијание на митологијата и делата на Толкин. Една од нив, „Wizard“, е и првото дискографско издание на преобразениот мод и прв негов почетен успех на музичката сцена.
Со оваа песна Болан го споредуваа со Дилан, но тоа не му ги донесе посакуваниот голем успех и славата по која мечтаеше. На патот до вистинскиот успех сѐ уште имало трње. Неговата соло-кариера немала голем одек, па се придружува на една музичка група – авантура што завршила со музички и финансиски крах. Подоцна со Стив Тарнер прави дует, што всушност е почеток на музичкиот состав наречен според најголемото и најопасно чудовиште што кога било чекорело по Земјата „Тираносаурус рекс“, кој е типичен психоделичен акустичен фолк-бенд. Следувале настапи по клубовите во Лондон, каде што ги забележал продуцентот Тони Висконти. Резултатот од таа средба и соработката по неа се четири музички албуми, кои наскоро добиле култ следбеништво од долгокоси тинејџери, кои се препознавале во наивниот романтизам содржан во текстовите на Болан.
Тоа е време кога рок-музиката ги напуштала хипи-сништата за глобално заедништво и била подготвена да им се поклони на новите идоли. Тука настапува новиот, поинаквиот Марк Болан.
Нарцисоидноста на поранешниот мод го потиснува идеализмот на хипиците, електричната гитара ја менува акустичната, а сатенот, бижутеријата и чевлите со високи потпетици ги заменуваат фармерките, бисерите и сандалите од минатото. Стив Тарнер не бил подготвен за такви промени, па на негово место доаѓа Мики Фин, името на бендот го скратуваат на „Ти рекс“ и со песната „Ride The White Swan“ го освојуваат првото место на британската топ-листа. Овој сингл ја промени кариерата на Марк Болан, секако на подобро, и тоа на многу подобро. Значеше пресвртница во звукот – од претежно акустичен во електричен. Тука некаде е и почетокот на глам-рокот. Овој музички хит одлично се вклопи во новите музички визии на Болан, кои се поклопуваа и со модерното сфаќање на музиката од страна на Дејвид Боуви – неговиот школски другар од најраното детство. Кариерата на Болан се промени на подобро, почнувајќи од стилот, преку однесувањето и облеката, па до музиката, која маестрално ја создаваше. Оттогаш па до неговата смрт, Болан и „Ти рекс“ останаа едни од ретките што без проблеми ја преживеаја гламрок-ерата и останаа почитувани до денес.
Во екот на популарноста „Ти рекс“ продаваше шест пати повеќе плочи од сите британски бендови во тој период. На топ-листите во Европа, Болан и рексовци имаа многу хитови, од кои најпознати се: „Hot Love, Get It On“ (по овој хит новинарите зборуваа за „Ти рекстази“), „Telegram Sem“ (песна во која се појавуваат неколку лика), „Chileden Of The Revolution“ (изведувана од многу музички ѕвезди, меѓу кои и Елтон Џон, Пит Доерти и „Ју ту“ и Боно) и, секако, „20th Century Boy“ (во неа Болан кокетира со соул и фанки-звукот, со помош на саксофон, гитара и ракоплескање).
Овој музички генијалец брилијантно свиреше гитара, па многу често соработуваше со своите колеги. Звуците на неговата гитара можат да се чујат и на снимките на Дејвид Боуви, Ринго Стар, Ајк и Тина Тарнер, „Електрик лајт оркестарот“ и многу други.
Болан е познат и по тоа што го изрекува и пророчкиот слоган: „Мислам дека на рок-ѕвездите е фрлено некое проклетство“ и набргу загинува во сообраќајка, непосредно пред неговиот 30-ти роденден. Неговата смрт значеше и крај на бендот „Ти рекс“. Има објавено 16 музички албуми, од кои неизоставно мора да се слушнат: „T. Rex“ (1970), „Electric Warior“ (1971), „The Sliter“ (1972), „Light of Love“ (1974), „Dandy In The Underword“ (1977). Болан остави длабока трага со квалитетот на неговите песни, а со заслепувачкиот сјај на својата харизматична личност и атрактивна фигура остави траен печат во музиката за сите времиња.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)