Челси на Мурињо, Анчелоти и на Конте постави неколку рекорди што може да ги собори Манчестер сити на Гвардиола во преостанатите пет кола од сезонава, а се за голови, бодови, победи…
Манчестер сити ја освои титулата во англиската фудбалска Премиер-лига, но во преостанатите пет кола од сезонава има шанса да собори барем пет англиски рекорда, сите во сопственост на Челси. За првиот на тимот на менаџерот Пеп Гвардиола му се потребни уште три победи за да ги надмине рекордните 30 на Челси од минатата сезона (менаџер беше Антонио Конте). „Граѓаните“ засега имаат 28 триумфи. Манчестер сити треба да игра уште со Свонси, Вест хем, Хадерсфилд, Брајтон и со Саутемптон, сите во моментов од 13-то до 18-то место на табелата. Ако го остварат овој рекорд, тогаш ќе го соборат и вториот, за најмногу бодови во една сезона.
Англискиот рекорд е на Челси од сезоната 2004/2005, кога под раководство на Жозе Мурињо тимот од Лондон освои 95 бода. Манчестер сити засега има 87. Третиот рекорд е голгетерскиот на Челси, под раководство на Карло Анчелоти, од 2010 година, со 103 гола на 38-те меча. Манчестер сити до 33-то коло постигна 93.
Четвртиот рекорд е за најмногу победи на гости во една сезона. Манчестер сити досега има 14 (на гости игра уште со Вест хем и со Саутемптон), а најмногу во оваа категорија, 15 победи на гости, има Челси на Мурињо од сезоната 2004/2005. Петтото рекордно остварување што може да го постави Манчестер сити сезонава е за најубедлива вкупна гол-разлика. Засега тој рекорд го има Челси на Анчелоти со плус 71 (103-32), а моментната гол-разлика на Манчестер сити е плус 68 (93-25).
РЕКОРДИТЕ НА „РАДАРОТ“ НА МАНЧЕСТЕР СИТИ
најмногу победи во една сезона 30 28
најмногу бодови во една сезона 95 87
најмногу голови во една сезона 103 93
победи на гости 15 14
најголема вкупна гол-разлика 75 68
првата колона се англиските рекорди во сопственост на Челси, а во втората колона се остварувањата на Манчестер сити сезонава