Рахим Стерлинг повторно постигна гол за Сити

„Граѓаните“ имаат освоено најмногу бодови по 33 одиграни натпревари, 87 (28 победи, три ремија и два пораза), и се на добар пат да соборат и да постават неколку нови рекорди

Манчестер сити го доби дербито на 33-то коло, на гости против Тотенхем, на „Вембли“, со 3-1, и е пред официјализирање на титулата првак на Англија. За такво нешто на „граѓаните“ им е потребна уште една победа, но можно е до неа да стигнат и со пораз(и) на второпласираниот Манчестер јунајтед, кој вчера играше во ВБА, а в среда се среќава со Борнмут.

Како и да е, прашање на време е кога Манчестер сити и официјално ќе биде крунисан за нов шампион. Она што е факт е тоа дека Сити има една од најдобрите сезони во историјата на Премиер-лигата. Манчестер сити има освоено најмногу бодови по 33 одиграни натпревари, 87 (28 победи, три ремија и два пораза), и е на добар пат да собори и да постави неколку нови рекорди. Моментално Сити има предност од 16 бода и не е далеку од завршување на сезоната со предност од 18 и повеќе бодови, со што би се израмнил или би го надминал Манчестер јунајтед, кој во сезоната 1999/2000 беше првак со предност од 18 бода пред Арсенал.

Сити е пред израмнување или надминување на 95-те бода на Челси од сезоната 2004/2005, кога на менаџерската клупа седеше Жозе Мурињо. Во сезоната 2009/2010 Челси, тогаш под водство на Карло Анчелоти, стана првак постигнувајќи рекордни 103 гола (2,7 по меч), а Сити досега веќе има дадено 87 (просек 2,8). Лани, повторно Челси (со Антонио Конте), забележа рекордни 30 победи (79 насто), две повеќе од годинашните 28 на Сити (85 насто). Во сезоната 2009/2010 Челси имаше и најдобра гол-разлика, плус 71. Моментално Сити е на плус 68. Победата над Тотенхем беше 14-та на гости за Сити сезонава, само една помалку од рекордните 15 на Челси во сезоната 2004/2005. Тимот предводен од менаџерот Пеп Гвардиола е еден од четирите тима (покрај Ковентри во 1993/1994, Чарлтон 2001/2002 и Блекбурн 2002/2003) што во иста сезона ги совладал на гости трите лондонски клуба, Арсенал, Челси и Тотенхем. 


Мохамед Салах единствен со три признанија за играч на месецот

Мохамед Салах третпат сезонава (март, февруари и ноември лани) го доби признанието за најдобар играч на месецот и е првиот и засега единствен фудбалер во историјата на Премиер-лигата. Минатиот месец Салах даде шест гола и асистираше при постигнување на уште четири. На мечот против Вотфорд (5-0), Салах даде четири гола! Менаџерот на Барнли, Шон Дич, е прогласен за најдобар во март, во категоријата во која сезонава доминира Пеп Гвардиола, кој четирипати во низа, од септември до декември, беше прогласуван за менаџер на месецот, со што го надмина Антонио Конте, кој лани трипати во ред го добиваше ова признание.