Со оглед на нејзиното живеалиште до брегот и тоа во горните слоеви на водата, рибарите користат лесни телескопски стапови со должина од 3 до 4 метри

Рибата плашица се лови исклучиво на тапа и со ултралесен прибор. Со оглед на нејзиното живеалиште до брегот и тоа во горните слоеви на водата, рибарите користат лесни телескопски стапови со должина од 3 до 4 метри. Основниот конец е со дебелина од 0,10 мм, а подебелиот од 0,12 мм во комбинација со јадица со димензија 0,24 – 016 мм (во зависност од видот на јадицата) и тапа од 0,3 грама, што е всушност идеална комбинација за ловење на оваа риба.
На местото каде што ќе се лови риба, прво се прави површинска подготовка, а тоа може да биде со леб, пченкарно брашно, пченица или, пак, специјализирана купена смеса токму за плашица. Мамките можат да бидат од растително и од животинско потекло (пченица, леб, црви, ларви, комарци, глисти), но и сѐ друго што на рибарот ќе му се најде при рака, оти плашицата е вистински сештојад.

Ловењето на овој вид риба може да биде мошне интересен, особено за почетниците во овој спорт, поради големото количество риба што може да се улови за кратко време.
Плашицата е ситна слатководна риба, во просек долга 10 см и тешка 60-80 грама, но може да достигне максимална должина и до 15 см, а тежина околу 100 грама во реките, а во идеални езерски услови и до 20 см и 130-150 грама. Ја има во рамничарските реки со бавен тек, како и во недвижните води, езера, канали, а најмалку во мочуриштата, поради недостиг од кислород. Просечниот животен век им е околу 4-5 години, но во зависност од условите, може да живее и до седум. Плашицата нема големо стопанско значење, па затоа нема ни норми и ограничувања во нејзиното ловење.


Уловен сом тежок 50 кг!

Струмичаните Никола Полизовски и Александар Христоманов со право можат да се пофалат дека се големи спортски риболовци. Тие неодамна во Дојранско Езеро успеаја да уловат сом капиталец тежок 50 кг, што, секако, претставува една од поголемите уловени риби во Македонија.
– Сомот успеавме да го извадиме од водата по околу 20-минутно влечење. Го измеривме, а стрелката на вагата застана точно на 50 кг. Го уловивме со техниката бучка и со жива риба како мамка – вели Полизовски.


Срната е посветена кон своето живеалиште

Поради добро развиеното сетило за слух, мирис и малку послабиот вид, не им е потребен голем животински простор, за кој се тесно поврзани и секогаш неволно го напуштаат

Високите летни температури се идеални за парење на срнечкиот дивеч. По ловната класификација срнечкиот дивеч е категоризиран во дивеч од висок лов. Според телесната покривка, спаѓа во влакнест дивеч, а според законот за ловство, се вбројува во крупен дивеч, кој е заштитен со Законот за лов. Овој дивеч е автохтон и го има во повеќе ловишта во Македонија. Помеѓу мажјакот и женката постои одреден диформизам, кој се гледа во присутноста на роговите кај мажјаците и разликата во телесната тежина, која е во корист на елените. Тежина на телото зависи од подрачјето на кое живее, квалитетот и количеството на храната што ја консумира, годишното време, полот…
Поради својата поситна градба во однос на еленот, срните не можат да се спасат од посилните предатори со долготрајно трчање, оти имаат мал капацитет на бели дробови и срце, туку бегаат со помош на големи скокови барајќи соодветни засолништа. Поради постојаното внимание од предаторите, срнечкиот дивеч најчесто се храни по краевите од ливадите и шумите и тоа најчесто со трева, грмушки, млади сочни растенија. Поради добро развиеното сетило за слух, мирис и малку послабиот вид, не им е потребен голем животински простор, за кој, пак, се тесно поврзани и неволно го напуштаат, па затоа ловџиите овој вид дивеч го нарекуваат територијален вид. Кога на свет ќе донесе младенче, срната обично се движи околу еден квадратен километар од своето живеалиште, притоа барајќи скривалиште и извор на вода и храна. Овој дивеч ловџиите можат да го најдат во сите три висински вегетациски појаси, иако најмногу претпочита подрачје до 600-700 метри надморска висина, но мора да бидат многу внимателни ако сакаат да останат незабележани.
Во највисокиот шумски појас, пак, одат само во летните месеци и таму наоѓаат одлични површини за пасење, додека во поголемиот дел престојуваат на својата територија. Овој дивеч не е научен да живее во големи стада, ниту има желба за големи преселби. Поголеми стада можат да се забележат во зима, каде што околу својот предводник, мајката на срната, се собираат годинашните и ланските младенчиња, како и елените. Напролет прво заминуваат елените, а потоа мајката ги напушта ланските младенчиња, кои, пак, во новиот животен циклус продолжуваат со одржувањето на својот вид.