Традиционално и годинава дел од Скопскиот маратон беше и 34-члената екипа на „Макстил“ (15 жени и 19 мажи) од кои повеќето настапија на хуманитарната трка на 5 км, а двајца поподготвени и похрабри, го истрчаа полумаратонот (Жарко Манев и Зоран Секуловски).
– На Скопскиот маратон како „Макстил“ учествуваме од 2009-та. Тогаш бевме само двајца, но од година на година таа бројка се зголемуваше и ете дојдовме до 34-член тим. Главна цел ни се дружењето, социјализацијата, секако и спортувањето во рамките на нашите можности. Учествувавме и ќе учествуваме на повеќе вакви трки од хуманитарен и сличен карактер, сакаме да се дружиме и надвор од работата – вели еден од тимските водачи, Петар Симоски.
Во тимот на „Макстил“ стандарден е Методи Андоновски, внукот на Методи Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Токму под споменикот на Ченто во центарот на Скопје беше вчерашното зборно место на „Макстил“.
– Многу, можеби и премногу е зборувано за мојот дедо чие име и јас со гордост го носам. Но нашиот настап нема никаква врска со политика и слично, едноставно сакаме да се дружиме и да спортуваме. Јас сум еден од ветераните, како по години (58), така и бројот на настапите на Скопскиот маратон, од 2009-та. Трчањето некако ми е спореден спорт, повеќе сакам фудбал, баскет, пинг-понг, но откако пријателите почнаа да ми откажуваат, се префрлив на трчањето – вели Андоновски.