САД ќе се обидат да ја предизвикаат Кина и во безбедносната сфера, што може да доведе до сериозни судири и за влакно да се избегнат тешки катастрофи
Американско-кинеското ривалство ќе ескалира практично на сите фронтови во 2019 година. Не само што Кина ќе се соочи со засилен економски притисок од царините и регулаторните блокади кон кинеските фирми, САД исто така ќе ги искористат санкциите за да наметнат силен притисок врз Пекинг за можните проблеми како што се сајбер-нападите и човековите права.
На безбедносниот фронт, САД ќе мора посилно да ја предизвикаат Кина директно во Јужно Кинеско Море и во однос на Тајван, што може да доведе до нови проблеми и за влакно да се избегнат сериозни катастрофи меѓу американските и кинеските сили во поморските жаришта. Американските економски напори за директно да го спречи ширењето на кинеската иницијатива за „Патот на свилата“, за разлика од тоа, ќе наидат на многу поголеми ограничувања, зашто Пекинг ќе ги искористи заедничките договори за економски пристап и партнерство со малите и со големите сили за да ги ослаби американските сојузи.
Во однос на трговијата, привремените примирја меѓу Вашингтон и Пекинг се можни ако двете страни преговараат за одредени економски олеснувања, но клучниот збор е „привремени“. Премногу се големи разликите меѓу американските барања за длабоки структурни реформи во кинеската економија и реалноста што Пекинг сака да ја понуди без да направи компромис за клучната домашна стратегија за индустриска технологија и стабилност за да може да се постигне сеопфатен и траен договор меѓу двете земји.
САД веќе воведоа царини од речиси 250 милијарди долари за кинескиот увоз. Незадоволна од ограничените компромиси што ќе може да ги извлече од Пекинг, Белата куќа воведе нова рунда царини за преостанатиот извоз од 267 милијарди долари.
Американскиот економски притисок врз Кина нема само да ги вклучува царините. Американските технолошки фирми ќе се соочат со поголем регулаторен надзор, зашто САД сакаат да го ограничат кинескиот пристап до технологиите за „двојна употреба“ и да го преиспита американско-кинескиот синџир на снабдување поради слабостите во националната безбедност. Можните контроли на извозот за цели за „двојна употреба“, од чипови со високи перформанси до општо истражување во сферата на вештачката интелигенција, ќе биде многу погубно за многу корпорации. САД веќе поставија бариери за кинеските инвестиции и истражувања во стратегиските сектори, но исто така силно ќе лобираат во други држави, особено во Јапонија, Канада, европските држави, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Тајван, за да ги намалат нивните врски со главните кинески технолошки компании како „Хуавеи“ и „ЗТЕ“, што ќе бидат претставени како главен ризик по националната безбедност на овие држави. Времето е клучно, па така 2019 година ќе го одбележи воведувањето на револуционерната петта генерација на телекомуникациска технологија во развиениот свет.
Наредните две години ќе донесат пресвртница во новото ниво на брзина и поврзаност во поддршката за трансформативните технологии, како што е „Интернет на нештата“, виртуелната и аугментативната реалност, процесирањето на вештачката интелигенција, автономните возила и телемедицината, кои се области во кои има сериозна конкуренција меѓу САД и Кина. Бидејќи „Хуавеи“ и „ЗТЕ“ се две од неколкуте технолошки компании кои ги развија технолошката инфраструктура и стандардите за 5Г-мрежата, американската влада ќе стори сѐ за да го спречи нејзиниот најголем стратегиски конкурент да се наметне силно во економскиот нервен систем на САД и на нивните сојузници. Овој важен приоритет природно ќе го разгори и онака постојниот оган меѓу државата и корпорациите во неколку напредни економии додека мултинационалните технолошки фирми со повеќеслојни синџири на испорака ќе се спротивстават на подемот на регулаторните хендикепи за бизнис-моделите што се потпираат на отворената трговија и прекуграничните текови на податоци.
Заострувањето на конкурентноста меѓу големите сили во сајбер-просторот само ќе ги влоши несогласувањата меѓу државата и корпорациите околу политиката. Како најголема цел на сајбер-напади, САД се движат по поофанзивен пат и на нишан ги држат Кина и Русија (периодот пред американската претседателска изборна трка во 2020 година ќе привлече дополнително внимание кон сајбер-заканите од Кина).
Зголемен тренд може да се забележи кај западните држави чии влади ќе се потпираат на високи казни и многубројни тужби на потрошувачите за одговорноста за големите кражби на податоци да падне врз корпорациите. Поитни ќе станат барањата меѓу големите сили за да се развијат светски норми за сајбер-просторот, но консензусот и спроведувањето на таква агенда ќе останат недостижни со оглед на целосно различните позиции меѓу САД, Европа, Русија и Кина околу приоритетите и методите потребни за управување со сајбер-просторот.