Како дел од програмата „Пролет во Бања Лука“, од 17 до 19 април се одржа меѓународниот поетски фестивал „Детско царство 2019“. Во последните шест години оваа манифестација стана најголем, најмногуброен и најквалитетен литературен фестивал во регионот.
Како и изминатите години, и овој пат дел од „Детското царство“ беа и ученици од Македонија, како и поетот за најмладите Наум Попески.
Во рамките на програмата, беше доделена и наградата „Принц на детското царство“, која му припадна на Јово Чулиќ, кому признанието му беше врачено на свеченоста во градскиот театар „Јазовец“. Имаше и средби на децата со познатите автори што творат за нив, настапи на рецитатори, концерти, работилници…
– Во голема конкуренција на распишаниот конкурс од фестивалот, на кој учествуваа околу 5.000 деца од сите краишта во регионов, наградени беа и повеќемина ученици од неколку града во нашава земја. Нивните творби добија виза за учество на годинашнава 13-та по ред меѓународна литературна манифестација, или поточно литературен фестивал за деца ,,Детско царство“ во Бања Лука, кој навистина им овозможува на најубав начин да другаруваат децата од соседните земји и да го афирмираат својот мајчин јазик, на кој пишуваат и творат. Тие другаруваа и со многу познати писатели за деца од сите држави од кои дојдоа и децата – ни рече Наум Попески.
Според Слободан Стошиќ, раководител на овој значаен фестивал на литературата за деца, годинава учествувале 72 млади таленти од државите на поранешна Југославија, кои се покажале како најталентирани. Тој рече дека се надева дека еден ден тие ќе станат вистински автори со свои значајни дела.
На овој фестивал, годинава учествуваа и поетите: Тоде Николетиќ, Мирослав Кокошар, Јово Чулиќ, Наум Попески и многу други.
НЕПРОМИСЛЕНИ ПРАШАЊА
Кашлав и кивав. Моето грло гореше.
Имаш лоша настинка? Ме праша една другарка.
Не, навистина не е лоша. Напротив, таа е добра.
Обожавам кога носот ми тече и очите ми солзат…
Стоматологот го погоди нервот од мојот заб,
А јас од болка скокнав од столот.
Дали те болеше? Тој праша како да навистина се грижеше.
Не, следниот пат извади ми ја целата вилица, со цел да не мораш
да се мачиш да ги избегнуваш нервите.
Една ноќ тетин ми удри во столб со нашиот автомобил.
Ударот предизвика силен звук и ја исплаши тетка ми.
Не го виде ли столбот!? Му викна изнервирано.
Се разбира дека го видов. Удрив директно во него. Зарем не?
Одговори тетин ми.
Еднаш се спомнав на една од играчките на сестра ми
и паднав надолу по скалите. Мајка ми ја слушна бучавата.
Дали повторно проба да прескокнеш скала?
Реков ,,Не мама, мислам дека ги погодив сите“.
Матеј Милосиевски, 9-одд.
ОУ,,Јан Амос Коменски“ – Скопје
ПЕСНА ЗА МОЈОТ ТАТКО
Татко ми е мојот
најголем херој.
Тој ми исполнува
желби без број.
Татко ми е силен
како лав.
И никогаш од ништо
нема страв.
Секогаш кога
ќе викнам тато,
тој ми вели:
– Кажи мое злато.
Јана Николоска, 2-б одд.
ООУ ,,Гоце Делчев“ – Прилеп
Менторка: Сузана Здравеска
НЕ ЗАПИРАЈ – ОДИ
Ти чекориш напред
Со крената глава,
Пред тебе е врвот.
Не запирај – оди.
Музика бучна и врева,
Високо горе
До небото се крева.
И така треба.
Раната младост насекаде околу тебе
како бран морски
кон брегот броди.
Годините си одат
Детството минува
А од тебе – сега мал,
Еднаш, можеби
Голем човек ќе се роди.
Крени ја главата
Над тебе е небото
во своите височини
што во животот те кани…
ти имаш крилја,
а секоја височина
кон својот врв те мами.
Ќе стигнеш.
Не запирај – оди,
Зашто секој од нас
За тоа и се родил.
Михаела Талеска, 9-б одд.
ОУ „Никола Карев“ – Крушево
Менторка: Славица Ристеска