Бронзата на Бојан Костов во борби и петтото место на Александар Неделковски во кати, на ден пред завршувањето на СП за кадети, јуниори и постари јуниори, покажува дека македонското карате има светла иднина
Македонското карате на Светското првенство (СП) за кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 год.), кое вчера заврши во Сантијаго (Чиле), го продолжи континуитетот на освојување медали на големите натпреварувања. Без оглед на вчерашните настапи на македонските натпреварувачки, Ангела Мојсовска (-67 кг) и Вероника Костовска (до 61 кг), и двете во борби во категоријата постари јуниорки, до 21 година (во саботата, пак, до 67 кг во борби, Фаик Весели во 1-то коло загуби од Србинот Јован Чириќ со 0-1, додека Доан Османи до 75 кг во 1-то коло го совлада Палестинецот Хамза Абулеифа со 4-0, но потоа загуби од Данецот Мадс Ларсен Виберг со 1-3- н.з.), целта е остварена, односно освоен е посакуваниот медал, што секако претставува голем успех. Тоа му успеа на Бојан Костов (категорија до 52 кг), членот на КК Олимпик и актуелен европски вицепрвак, кој во борби освои бронза во кадетска конкуренција.
Костов е третиот натпреварувач во историјата на македонското карате кому му успеало во кадетска конкуренција во борби да се закити со медал. Претходно бронзи освоиле Фаик Весели (на СП во Индонезија, во 2015-та) и Марио Свинарски (на СП во Шпанија, во 2017 година).
Во Сантјаго блескаше и младиот и талентиран каратист на КК Металург, Александар Неделковски, кој во кати го освои 5-то место, што претставува најголем поединечен успех во историјата на македонското карате во поединечна конкуренција во кати на мундијалите.
На СП, македонски каратисти освојувале медали и порано. Бронзен медал има освоено Берат Јакупи, но како постар јуниор, во Гвадалахара 2013 година, а сениорска бронза, пак, има Жарко Арсовски од СП во Србија во 2010 година.
Сето ова покажува дека македонските каратисти се на вистинскиот пат и не запираат во настојувањата да се претстават во што посветло издание на европските и светските татами. Македонските бели кимона имаат реални шанси да стигнат таму каде што многумина спортисти можат само да сонуваат – на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020, со исполнета норма.
Меѓу нив најголеми шанси да бидат дел од ЛОИ во Токио имаат двократниот европски првак и носител на две бронзи од европските првенства (ЕП) и сребро од Европските игри (ЕИ) во Баку, Емил Павлов и носителот на сениорско европско сребро и бронза, Берат Јакупи (до 84 кг).
Успесите во македонското карате го дополнуваат и 14-те сениорски поединечни медали на европските првенства, од кои по три се златни и сребрени и осум бронзени, како и едно сребро во екипна конкуренција, сите во борби. Со злато двапати се закити Емил Павлов (2014 и 2018) и еднаш Наташа Илиевска (2011).