Македонската репрезентација би можела за две места да ја подобри својата позиција на септемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), според специјализираните интернет-страници што се занимаваат со тие пресметки. Според тие податоци, Македонија би била 68-ма, со осум бода повеќе од листата во август (сега би имала 1.344 бода).
Белгија и Франција би требало да ја делат првата позиција, а потоа до десеттото место би останал истиот редослед како и во август – Бразил, Хрватска, Уругвај, Англија, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска.
Новата листа ФИФА треба да ја објави неделава. Од минатиот месец ФИФА почна со поинакви вреднувања на резултатите на репрезентациите и предвид ги зема сите мечеви, а не како досега, само од претходните четири години. Така, победите на Македонија и на сите други селекции во Лигата на нациите имаа коефициент 25 (толку ќе биде и за квалификациите за Европското првенство), а тие што славеа, на пример, во пријателски мечеви во рамките на календарот на ФИФА, имаа коефициент 10.