Највисока стапка на сиромаштија меѓу земјите-членки на Европската Унија има во земјите што се во нашето опкружување, односно во Бугарија и во Грција. Имено, според податоците на Евростат, во Бугарија стапката изнесува дури 30, во Грција 21,1 отсто, во Романија 19,4 и во Унгарија 14,5 проценти
Во текот на изминатата 2017 година, 6,7 проценти од населението или околу 33 милиони луѓе во Европската Унија (ЕУ) се нашле во сериозно влошена финансиска состојба и биле лишени од многу задоволства поради лошата материјална ситуација. Ова го покажа анализата направена од Евростат, во која, патем, е забележливо дека кај соседите на Македонија, како помладите, така и постарите членки на Унијата, постои највисока стапка на сиромаштија.
Стапката на сиромаштија или материјална депривација аналитичарите во Евростат ја темелат на неколку фундаменти. За одредено лице да се најде во групата сиромашни значи дека истото тоа не може да си дозволи најмалку четири од следните ставки, за кои повеќето луѓе сметаат дека се посакувани или неопходни за да водат нормален живот.
Имено, најголем дел од сиромашните не можат да ги платат своите сметки навреме, не можат соодветно да го затоплат домот, да се соочат со неочекувани трошоци или, пак, да јадат месо редовно (или риба или друга вегетаријанска храна). Исто така сиромашните не можат да имаат еднонеделен одмор надвор од местото на живеење, не поседуваат телевизор или машина за перење алишта, автомобил или телефон и слично.
Сепак, податоците за 2017 година го одразуваат континуираниот тренд на намалување на процентот на лица што се во сериозно влошена материјална состојба во ЕУ откако тој изнесуваше 9,9 проценти во 2012 година.
– Најпогодени се домаќинствата што се составени од повозрасни лица, особено оние што живеат сами. Стапката на сериозна материјална депривација за домаќинства со само едно полнолетно лице е 9,6 отсто ако во домаќинството немаат зависни деца. Таа изнесува 14,3 проценти за домаќинство составено од еден возрасен човек со деца. За домаќинства каде што се присутни две или повеќе возрасни лица, стапките се значително пониски, изнесуваат 5,2 проценти кај домаќинствата без деца и 6,1 отсто со деца – е наведено во извештајот на Евростат.
Во повеќето земји за кои се достапни податоците од 2017 година, стапката на тешка материјална депривација е намалена во споредба со 2016 година. Исклучок се Данска, каде што се стапката е зголемена за 0,5 процентни поени, од 2,6 отсто во 2016 година на 3,1 процент во 2017 година и Холандија, каде што таа остана на 2,6.
Најголемо намалување на сиромашните во изминатата година е забележано во Романија. Имено, податоците покажуваат дека во Романија стапката на депривација од 23,8 отсто во 2016 година, се намалила за 4,4 проценти, односно спаднала на 19,4 во 2017 година. Намалување на бројот на сиромашните се забележува и во Италија каде што споменатата стапка од 12,1 отсто, се намалила на 9,2 проценти, потоа во Хрватска од 12,5 на 10,3 отсто, Бугарија од 31,9 отсто на 30 отсто и во Кипар (од 13,6 отсто на 11,7 отсто).
Колку што може да се забележи од податоците на Евростат највисока стапка на сериозна сиромаштија меѓу земјите-членки на Европската Унија има во земјите што се во нашето опкружување, односно во Бугарија и во Грција.
Имено, во Бугарија стапката изнесува дури 30 проценти, додека во Грција 21,1 отсто, во Романија 19,4 и во Унгарија 14,5 проценти. Ова се земјите-членки на ЕУ во кои се регистрирани највисоки проценти на сериозна материјална депривација.
Спротивно на нив, најмали стапки на материјална депривација се регистрирани во Шведска – 0,8, Луксембург – 1,6, Финска – 2 и во Холандија 2,6 проценти.