Во Скопје вчера се одржа третиот состанок на Меѓувладина мешана комисија (ММК) за спроведување на Спогодбата за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска и на хрватското малцинство во Република Македонија.
Македонската страна во ММК беше предводена од министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, а од хрватската страна од државниот секретар на Средишниот уред за Хрватите надвор од Република Хрватска, Звонко Милас.
– На состанокот разговаравме за активностите што се преземаат со спроведувањето на Спогодбата за заштита на македонското малцинство во Република Хрватска, по осумгодишен застој, поради што е констатирано дека е потребно да се посвети внимание на реализацијата на обврските што произлегуваат од Спогодбата меѓу двете држави. Инаку, Спогодбата меѓу Македонија и Хрватска е потпишана во 2008 година. Благодарност до хрватската страна за беспрекорниот ангажман на високиот степен на реализацијата на правата на дијаспората по потекло од Република Македонија во Република Хрватска, во сите области во зачувување на националниот идентитет и грижата на Република Хрватска, од финансиски, правен, институционален, образовен, културен аспект, како и за позитивниот процес на интегрирање на нашата дијаспора во хрватското општество – изјави министерот за дијаспора Едмонд Адеми.
Република Македонија и Република Хрватска се пријателски држави. Хрватска е голем поддржувач на Македонија во остварувањето на стратегиските евроатлантски цели, и сега има услови пријателството и соработката да бидат продлабочени на економски и на културен план, низ грижа за правата на малцинствата во државите, но и во интерес на сите граѓани.
– Веќе долго време градиме пријателски однос со Македонија, го унапредуваме статусот на малцинствата во Хрватска. Со моделот што функционира во Хрватска малцинствата имаат загарантирани права. Со спроведување на Уставниот закон и посебниот закон со кој се уредуваат малцинските права и слободи се обезбеди поголема застапеност во претставничките тела на државно и локално ниво, како и во управните и правосудните тела, користење на јазиците и писмата на националните малцинства, воспитување и образование на јазикот и писмото на националните малцинства – изјави Звонко Милас.
Според Ангел Митревски, член на Советот за национални малцинства во Хрватска, остварување културна автономија со искажување на сопствената култура и традиција, право на своја вера и основање верски заедници, пристап до средства, примање и ширење информации на јазикот и писмото на националните малцинства се само дел од правата што ги уживаат малцинствата во Хрватска.
– Уставот на Хрватска утврдува секое малцинство да се образова на својот мајчин јазик, ние работиме на тоа поле. Веќе постојат седум училишта каде што се изучува македонскиот јазик. Хрватска ја призна Македонија во 1991 година под уставното име, па, така, слободно можам да кажам дека ние, припадниците на македонското малцинство, не го поддржуваме актуелниот договор за промена на името на Република Македонија – рече Ангел Митревски. Р.С.