Македонската репрезентација е на 77-то место на априлската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), што е пад за две места во однос на рангирањето за март. Помеѓу двете листи црвено-жолтите двапати ремизира во пријателските мечеви, прво со Финска (0-0), а потоа и со Азербејџан (1-1) во Анталија (Турција). Македонија сега има 422 бода, колку што можеби ќе има и за листата за мај, според пресметката достапна на сајтот на ФИФА.
Падот на Македонија на априлската листа се должи и на големиот скок на Киргистан, кој напредна 40 места и сега е на 75-та позиција. На врвот нема промени кај водечкиот двоец, Германија и Бразил, но сега Белгија е трета, пред Португалија, Аргентина, Швајцарија, Франција, Шпанија, Чиле и Полска итн. ФИФА за рангирањето предвид ги зема резултатите од последните четири години, а според едно друго рангирање, кое ги смета сите резултати во историјата на селекциите, Македонија е 79-та, две места подолу од просечниот пласман. На оваа листа води Бразил, пред Германија, а меѓу првите 10, во споредба со листата на ФИФА, се Колумбија и Холандија.