Концептот на „Воланте вижн“ ќе може да достигне брзина од околу 320 километри на час
Во Фарнбороуг, Англија, беше претставено футуристичкото авионско летало со епитетот спортски автомобил на небото. Пред две недели на настанот „Аиршоу“ беше претставено хибридното електрично возило со три седишта. Иако според концептот ова возило изгледа како да е од научната фантастика, сепак автомобилската компанија „Астон Мартин“ верува дека би можела еден ден да го револуционизира патувањето. „Воланте вижн“ го сочинува елегантниот дизајн на „Астон Мартин“, кој претставува авионско летало со најновите достигнувања во воздушната технологија.
– Ние сме на почетокот на новата генерација на градски превоз, вертикалната мобилност веќе не е фантазија. Имаме единствена шанса да создадеме луксузен концепт на летало, кој ќе претставува фузија на уметноста и технологијата. Ние ги користевме формите и пропорциите што ја изразуваат истата посветеност на дизајнот, инженерството и убавината, кои ги обликуваат нашите автомобили – смета главниот креативен службеник Марек Рајхман.
Овој вид возило ќе ни овозможи да патуваме на подалечни дестинации во нашето секојдневие. Тоа значи дека доколку живееме подалеку од местото каде што работиме, ќе стигнеме побрзо и без вообичаениот градски метеж. Градовите ќе растат, а местата што денес се премногу далеку од градовите, со овој превоз ќе станат подостапни и на некој начин ќе бидат приградски.
Концептот на „Воланте вижн“ има способности за вертикално полетување и слетување или т.н. ВТОЛ и ќе може да достигне брзина од околу 322 километри на час. Инаку, ВТОЛ е класификација на летала што имаат способност да лебдат, полетуваат и да слетуваат вертикално.
– Тоа значи дека ние со ова летало може да одиме од центарот на Бирмингем до центарот на Лондон за околу 30 минути – изјавува Симон Спруле од „Астон Мартин“.
Авијациските и технолошките лидери се обидуваат да создадат електрично напојувани летачки такси-возила, како „Eрбас“, „Убер“ потпомогнати од разни стартапи, вклучувајќи го и стартапот наречен „Кити хок“ на коосновачот на „Гугл“, Лари Пејџ. „Астон Мартин“ верува дека реализирањето на оваа идеја би го заинтересирало пазарот за луксузни летачки возила во иднината. На истиот начин на кој го користите таксито преку „Убер“, замислете како се превезувате со возило на „Астон Мартин“ преку небото.
Ваквиот вид превоз нема да биде евтин, бидејќи станува збор за луксузно летало што достигнува големи брзини. Затоа ова превозно возило го добива епитетот спортски автомобил на небото. Според тоа, цената за користење ваков вид возило би била седумцифрена. Компанијата соработува со универзитетот „Кренфилд“, „Кренфилд аероспејс солушнс“ и британскиот производител на мотори „Ролс ројс“ за развој на концепт-возилото, кое ќе вклучува и вештачка интелигенција со автономни способности.
– Се чувствува како борбен авион, но во исто време го има луксузот на „Астон Мартин“ – изјавува Дејвид Дени, шеф на идните летачки концепти на „Ролс-ројс“.
Во однос на реализирањето на овие технологии неопходни за изработка на овој проект, такси-компанијата „Убер“ има намера да ја унапреди сопствената програма за урбан воздушен сообраќај, со тоа што ќе реализира тестирање на нејзината сопствена програма за урбани воздушни патувања до крајот на следната година. Исто така планира својата услуга да ја комерцијализира до 2023 година.