Современите лакови постигнуваат прецизни погодоци на далечина до 30 метри, брзината на стрелите е околу 100 метри во секунда, најчеста далечина на гаѓање е на 30-40 метри во шума и до 60 метри во поле

Денес се цени дека во светот има околу 3,5 милиони ловџии што одат во лов со лак и стрела. Повеќето европски држави имаат национални асоцијации на ловџии со лак и стрела здружени во Сојуз за лов со лак (ЕБА), кои ги поддржува меѓународниот Сојуз за ловство (ЦИЦ).

Не навлегувајќи подлабоко во проблематиката на ловот со лак и стрела, можат да се наведат само некои факти, а тоа се следниве: современите лакови постигнуваат прецизни погодоци на далечина до 30 метри, брзината на стрелите е околу 100 метри во секунда, најчеста далечина на гаѓање е 30-40 метри во шума и до 60 метри во поле. Секако, пожелни се и помали далечини, но тогаш се јавува проблемот на можно приближување на дивечот.

Ловот со лак и стрела се изведува на два начина: со чека и со приближување. Ловот со чека е поефикасен оти дивечот практично не може да го насети ловџијата, особено што се стрела од мала далечина. Тука особено треба да се внимава на влијанието на Земјината тежа врз стрелата и затоа најдобро е стрелата да се исфрла под агол од 30 степени. Ловот со приближување, пак, е поинтересен и дава поголемо возбудување, но бара и одлично извежбан ловџија.

Ловџијата со лак и стрела всушност се враќа кон својот искон. Сега може да има надмудрување, односно што е повеќе етички, дали ловџијата со лакот и стрелата или современиот ловџија опремен со чудата на современата технологија. Ако на современиот ловџија не му е приоритет отстрелот, тогаш зошто најпрецизни пушки, видеокамери, ноќни засилувачи на светлата, термовизија. Со лакот и стрелата може да се лови само прекуден.

Меѓу ловџиите со пушка често се зборува за етичноста на истрелите, односно кај ловот на крупниот дивеч се користи пушка, која може да истрела само еден куршум. Кај ловот со лак и стрела тоа е уште поизразено, оти ловџијата ќе мора многу да му се приближи на дивечот. Само ако е добро извежбан, т.е. ако тивко се движи и ако знае да го скрие својот мирис, може да постигне успех.

Факт е дека во последните десетина години ловот со лак и стрела добива експанзија, а за пример може да се земе Унграија , каде што ловот со лак и стрела е слободен и каде што годишно него го користат околу 3.000 ловџии.


Суви мушички

Најважна особина на сувите мушички е релативно долго да останат на површината на водата. Таа способност се постигнува со соодветна изработка на мушичките, особено преку изборот на потребниот материјал

Риболовот со сува мушичка се смета за совршенство, предизвик, но и единствен вистински начин на мушичарење. Тој се состои од способноста да се почувствува атмосферата на водата, како и на способноста на мушичарот да се снајде на одреден терен.
Основното правило на мушичарењето до кое мушичарот мора да се држи е кога ќе дојде до водата прво да види какви мушички летаат и паѓаат во неа. Таквите мушички, прво според силуетата, а потоа и според другите карактеристики, ги користи мушичарот за риболов. Големината на мушичките треба да биде приближна на големината на природните мушички што се имитираат. Мушичката на вода мора да се однесува природно, на пример при паѓањето на водата, движењето…

Бојата на вештачките мушички треба да биде слична на природната, но можни се и отстапувања. Важно е силуетата на вештачката мушичка што ја користиме да биде иста како силуетата на природните мушички што летаат над водата.
Најважна особина на сувите мушички е релативно долго да останат на површината на водата. Таа способност се постигнува со соодветна изработка на мушичките, особено преку изборот на потребниот материјал.

За да не тоне сувата мушичка, таа се изработува од материјали што ја одржуваат пловноста, повеќе пердуви што создаваат поголема површина на мушичката, што резултира со нејзино лесно и долготрајно задржување на површината на водата.
Меѓутоа, има различни размислувања за тоа дали мушичарењето со суви мушички е најлесен или најтежок тип. Генерални поделби во оваа категорија нема, но, сепак, може да издвоиме две посебни групи: првата е суви мушички со крила, кај кои крилата и пердувите се поставуваат на вратот на јадицата под прав агол во однос на телото. За полесно и подолго да пливаат, тие повремено треба да се третираат со разни силиконски препарати за пловност. Втората група се суви мушички без крила. И кај овие мушички пердувите стојат под прав агол во однос на телото. Кај некои мушички пердувите се сместени понапред, а кај некои се распоредени по целото тело.