Ловџијата мора да го утврди правецот на движење на јатото при нивното заминување и враќање кон водата
Ловот на диви гуски спаѓа во еден од поинтересните начини на лов, бидејќи, како и ловот на диви патки, се случува во зимскиот период. Дивата гуска се разликува од дивата патка по тоа што гуската е многу покрупна, но и по местото на живеење, начинот на исхрана, градбата на телото, функцијата на клунот и на нозете, како и по начинот на исхрана.
Дивата гуска има заоблено, големо тело, дебел и долг врат, како и голема глава и клун. Има розови нозе и стапала и портокалов или розов клун. Долга е 74-91 см, со должина на крилјата од 41,2 до 48 см. Опашката е долга 6,2-6,9 см, а клунот 6,4-6,9 см. Тежи 2,16-4,56 кг, со просечна тежина од околу 3,3 кг. Распонот на крилјата е од 147 до 180 см. Мажјаците се обично поголеми од женките. Пердувите на дивата гуска се сивкасто-кафеави, со потемна глава и поблед стомак со различни црни точки. Шарите на нејзините пердуви се резултат од бледите рабови на перјата.
Дивите гуски, за разлика од патките, се исклучиво тревопасни птици. Животниот простор им се барите во кои има трева, трска… Од март до април, еднаш годишно, тие снесуваат 6-10 јајца на кои женката лежи 28-29 дена, за младите се грижат двајцата родители. Поради големиот опсег на крилјата, кои им овозможуваат подобро летање, дивите гуски знаат да направат преселби од едно место на друго во должина и по неколку илјади километри. Посебна карактеристика е што нивните јата во своите маратонски летови на преселбата ни за метар не ја менуваат својата воспоставена маршрута. Кога се селат се распоредуваат во форма на латиничната буква В (V), а главната причина е што струењето на воздухот, кои некои диви гуски ќе го направат со своите крилја додека летаат, ја подигнува во висина гуската што е следна и на тој начин јатото заштедува голема енергија, која им е потребна за толку далечни дестинации.
Ловот на дивите гуски почнува кога деновите се студени, значи во зимскиот период, а тоа најдобро се прави со чекање во заседа и во близина на места каде што гуските се спуштаат во водата или каде што доаѓаат по храна, а тоа се полињата насадени со пченица, јачмен, жито… Ловџијата мора да го утврди правецот на движење на јатото при нивното заминување и враќање кон водата, за да може да ги дочека на местото каде што јатото најниско ќе лета. Скривалиштето може да биде ров или мала колипка без покрив. Ловџијата и местото од каде што ќе ги демне гуските мора да бидат добро камуфлирани, оти дивата гуска од голема далечина може да воочи ако е нешто сомнително и тогаш тоа место таа ќе го прелета во широк лак. Најдобро е навечер да се чека доаѓањето на гуските, кога тие се враќаат од местото каде што се хранеле и сакаат во барите или во доловите да положат јајца.
Освен со чекање во прелет, дивите гуски може да се ловат и со приближување, што е многу поинтересно, но и потешко. Студот, маглата и ветерот тогаш се и најголеми сојузници на ловџиите. Тогаш гуските се спуштаат ниско, па е полесно да се ловат. Ловџиите прават кругови по полето, лесно се движат низ каналите или големите ниви со пченка и многу често имаат шанси да упатат истрели, оти гуските што летаат во магла се слушаат надалеку. Дивите гуски во барите можат да се ловат и со помош на чамци, кои, пак, по виулицата или маглата се пуштаат да лизгаат покрај брегот. Дивите гуски се крупни и силни, па затоа треба да се размисли при изборот на чамец за лов. Најмал дозволен пречник на зрно за лов на диви гуски е 3,0-4,5 милиметри, а најголема дозволена далечина на гаѓање е 50 метри.