Според последниот извештај на Европската комисија, ние сме длабоко дискриминирачко општество кога станува збор за лицата со посебни потреби.
Во последно време има некое придвижување во насока на подобрување на условите, но тоа се срамежливи чекори и одат многу бавно
Во рамките на проектот „Уметност за сите“, кој е поддржан од холандската амбасада во Република Македонија, Националната галерија на Македонија првпат организираше трибина со наслов „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Македонија“.
– Во нашата земја досега многу малку се обрнуваше внимание на културолошките активности на лицата со посебни потреби, а уште помалку на фактот тие директно да бидат вклучени во создавањето уметност. Како пристапува македонското општество кон инволвирање во културните збиднувања на оваа категорија граѓани се обидоа да дадат одговори говорниците што учествуваа на оваа трибина. Процесот мора системски да се решава со заедничка соработка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, невладиниот сектор, училиштата, родителите што ќе овозможи квалитетен живот од најрана возраст – велат од Националната галерија на Македонија.
На трибината учествуваа: Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Арбр Адеми, заменик-министер за образование и наука, Дита Старова-Ќерими, директорка на Национална галерија на Македонија, Синоличка Трпкова, професорка на Факултетот за драмски уметности, Денис Јанкуловски од невладината организација „Аутизам мк“, Доменика Кардула, родител на дете со посебни потреби и др.
Владимир Трајковски од Филозофскиот факултет го истакна значењето на музејот и на галеријата за позитивно искуство за лицата со аутизам, бидејќи постојат различни стилови учење што музеите можат да ги постигнат.
– Колку повеќе музеите споделуваат знаења за аутизмот, толку се подобри шансите лицата со аутизам да се вклучат во средината што е добредојдена за нив. Ако повеќе луѓе станат свесни за музеите и за заедницата со аутизам, светот ќе биде подобро место за живеење. Фотографијата како вид арт-терапија кај децата со аутизам може да биде ефективна при долготраен третман во групи или индивидуално, бидејќи процесот на креирање уметност ги стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување – истакна Трајковски.
Трпкова смета дека општеството може и треба да направи многу повеќе за овие луѓе.
– Премногу се дебатира и зборува, а премалку се прави. Активизмот не смее да се сведе на настан. Тој би требало да биде секојдневно дејствување. Како главен и основен проблем е мобилноста. Инклузивноста на овие лица во културата и уметноста, подразбира прво можност за достапност и пристапност до местото на настанот. Културно-уметничките образовни институции (драмската, музичката и ликовната академија) би можеле да соработуваат, односно да учествуваат во оваа насока со свои кадри – истакна таа.
Доменика Кардула рече дека аутизмот е специфичен и дека да се навлезе во светот на децата со аутизам и од нив да се извлече она што е нивна дарба е уметност сама по себе.
– За тоа е потребна соработка со стручни лица, наставници и родители. Тоа кај нас е проблем затоа што не постојат стручни тимови што би ги прателе растот и развојот на децата во образовниот систем и надвор од него. Наставниците во редовните училишта воопшто не се ни запознаени со оваа состојба и покрај желбата за соработка, која искрено често изостанува, тие не се ни обучени. Родителите често живеат во негирање на состојбата. И така најчесто незабележано се пропуштаат дарбите на децата. Да претпоставиме дека моето дете е талентирано за фотографија или балет. Кој ќе работи со него? Дали имаме лица од таа бранша обучени за работа со аутисти? Немаме. Ние градиме куќа почнувајќи од покривот – рече Кардула.
Според последниот извештај на Европската комисија, ние сме длабоко дискриминирачко општество кога станува збор за лицата со посебни потреби. Во последно време има некое придвижување во насока на подобрување на условите но тоа се срамежливи чекори и одат многу бавно.
– Националната галерија на Македонија преку организирањето трибини и проекти посветени на ранливите категории деца ја промовира културата на прифаќање и интеграција, а со самото тоа создавање вистински можности за нивен развој – рече Старова Ќерими.
Национална галерија на Република Македонија во последниве години работи на издигнувањето на јавната свест за најранливите категории деца преку организирање голем број ликовни работилници, инвентивно и функционално приспособени на децата со посебни потреби во спрега со компетентните институции, но и со ангажманот на самите родители на децата.
– Досегашното искуство говори дека ваквите проекти ги поткреваат духот и расположението кај сите учесници во процесот, особено кај децата, кои во прегратките на уметноста и имагинацијата откриваат топли предели на прифаќање и му се радуваат на животот, наоѓајќи храброст за надминување на тешкотиите што, пак, од друга страна претставува дополнителен мотив за нас како институција и секако дава огромна инспирација за создавање нови проекти – додаде таа.
Холандската амбасада се вклучи во ликовно-едукативиот проект „Уметност за сите“, наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, кој ќе трае до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и со хендикеп.