Во насока на промовирање на современите културни достигнувања, општината Илинден од 15 до 19 мај 2018 година ја организира 19-та литературна манифестација „Илинден 2018“. Манифестацијата беше свечено отворена вчера во домот на култура „Илинден“, а централниот настан – поетски митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 18 мај, со почеток во 19 часот, со настап на триесетина писатели од Македонија и од балканските држави.
Како дел од манифестацијата во домот на културата „Илинден“ до 18 мај под мотото „Денови на книгата“ ќе се одржи саем на книгата, каде што љубителите на пишаниот збор ќе можат да се запознаат со најновите изданија и да најдат богат избор на книги.
Во рамките на манифестацијата ќе се одржи промоција на книгата „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан, како и промоции на книги од млади автори.
Пред љубителите на пишаниот збор ќе биде претставен портретот на словенечкиот писател Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, при што стихови од поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на словенечки и на македонски јазик ќе читаат членови на Словенечкото друштво за пријателство во Република Македонија.
Литературната манифестација ќе биде збогатена со Книжевна средба со поетите на седумдесеттите години: Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски, Катица Ќулафкова, Бранко Цветковски и Славе Ѓорго Димовски.
Дел од манифестацијата е и традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина писатели за деца и млади. На Литературното матине ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од општината Илинден.
Во музичкиот дел од програмата, посетителите на литературната манифестација ќе можат да уживаат во музичкиот колаж на Марјан Јанковски и на „Портал“.
– Ги покануваме сите љубители на пишаниот збор да ја посетат 19-та литературна манифестација „Илинден 2018“ и да присуствуваат на многубројните културни настани. За таа цел општината организира превоз за сите оние што сакаат да присуствуваат на отворањето на Литературната манифестација на 15. мај, како и на поетскиот митинг „Стихови за душата“ на 18 мај. Од портата „Македонија“, во центарот на Скопје, во 18 часот ќе поаѓа автобус што ќе ги превезува посетителите на манифестацијата до општината Илинден и ќе ги враќа кога ќе заврши вечерниот настан, што почнува во 19 часот. Влезот за сите културни настани е слободен – соопштија од општината Илинден.