Новото натпреварување на УЕФА ќе пополни голем дел од досега слободните термини за пријателски мечеви, па репрезентациите ќе добијат повеќе компетитивни натпревари со селекции со сличен квалитет, но и можност за алтернативен пат до ЕП 2020
Европската фудбалска унија (УЕФА) по повеќе години подготовка в четврток го почнува новото натпреварување за репрезентациите од Стариот Континент, Лига на нации. Натпреварувањето, поделено на четири лиги, според квалитетот на селекциите, ќе пополни голем дел од досега слободните термини за пријателски мечеви, за кои многумина велат дека добар број се бесцелни. Сега, со Лигата на нациите сите репрезентации од Европа ќе добијат повеќе компетитивни натпревари со селекции со сличен квалитет, но натпреварувањето носи и важна награда – алтернативен пат до Европското првенство во 2020 година, за четирите најуспешни.
Во секоја од четирите лиги, А, Б, Ц и Д, селекциите се поделени во по четири групи. Се игра до ноември, по што победниците од групите во лигите Б, Ц и Д ќе се пласираат во една лига погоре за следното издание на натпреварувањето, а последнопласираните во групите во лигите А, Б и Ц ќе испаднат еден ранг подолу.
Згора, секој од победниците на групите ќе игра на фајналфорот за соодветната лига (во март 2020 година), од каде што победниците ќе се пласираат на Европското првенство.
Во лига А, во јуни в година, ќе се игра посебен фајналфор, со најдобрите четири тима, а победникот ќе биде прогласен и за шампион на Лигата на нациите. Во март 2020 година, кога ќе завршат квалификациите за ЕП 2020, ќе има уште еден фајналфор за Лига А, но ќе играат само селекциите што веќе не обезбедиле пласман на ЕП низ квалификациите.
Теоретски, може да се случи да нема доволен број репрезентации од Лига А за тој фајналфор, па местата ќе се пополнат со првите најдобри селекции од Лига Б, но не од националните тимови што ќе играат на фајналфорот за таа лига.
Домаќините на фајналфор-турнирите ќе бидат одредени подоцна, од некој од учесниците на тој завршен турнир, што значи дека апликација ќе може да поднесе и Македонија.
Системот на натпревари се преплетува со редовните квалификации за ЕП 2020, кои треба да почнат напролет (оттаму на ЕП 2020 ќе се пласираат по две најдобри репрезентации од 10-те квалификациски групи).
Ако низ редовните квалификации некоја селекција што обезбедила место во фајналфорот на Лигата на нациите се пласира директно на ЕП, тогаш таа своето место на фајналфорот ќе ѝ го препушти на следната репрезентација според пласманот во соодветната лига.
Сребрен пехар од 7,5 кг
Репрезентациите од лигата А на фудбалската Лига на нациите ќе играат за вредните парични награди, но и за новиот сребрен пехар наменет за победникот. Пехарот е тежок 7,5 кг, а висок е 71 см. Дербито на 1-то коло во лигата А е мечот на актуелниот светски првак Франција, кој ќе гостува кај претходниот планетарен шампион Германија, во рамките на групата 1, во лигата А. Секако, интересни треба да бидат и мечевите Англија – Шпанија, Италија – Португалија и Шпанија – Хрватска.
Парични награди од 500 илјади до 7,5 милиони евра
За репрезентациите што ќе играат во фудбалската Лига на нациите на УЕФА предвидени се и парични награди. Така, за лигата Д, каде што е Македонија, предвидени се по 500.000 евра за секоја селекција за учеството, како и уште толку за победниците на групите. Во лигата Ц сумите се по 750.000 евра, во лигата Б по еден милиони евра, а во најсилната, лига А, по 1,5 милион евра.
Згора, учесниците на фајналфорот во лигата А ќе добијат и дополнителни парични награди од УЕФА, и тоа 1,5 милион за четвртопласираната репрезентација, 2,5 милиони за третопласираната, 3,5 милиони за освојувачот на сребрениот медал и 4,5 милиони за шампионот на Лигата на нациите. Според тоа, првакот на Лигата на нациите ќе заработи вкупно 7,5 милиони евра.
За континенталниот првак на Европското првенство во 2020 година предвидена е награда од 10 милиони евра. На таа сума ќе треба да се додадат и наградите од учеството на ЕП, резултатите во групата и бонусите за нокаут-фазата, па првакот ќе може да заработи најмногу 34 милиони евра (најмногу 27 милиони евра беа предвидени за шампионот на ЕП 2016).
Пријателските мечеви не се укинати, туку се намалени
И со новата фудбалска Лига на нации не се исфрлаат термините за пријателски натпревари. Тоа особено важи за лигите А и Б, каде што групите се со по три репрезентации (и една од групите во Лига Ц), па во секој термин ќе има слободна селекција, која ќе има можност да договори тест-меч.
Така, веќе неделава на програмата се, на пример, дуелите Словачка – Данска, Австрија – Шведска, Холандија – Перу, Португалија – Хрватска, Шкотска – Белгија, Германија – Перу, Русија – Чешка, итн.
Можност за пријателски ќе има и кога ќе почнат квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година, особено во петте групи што ќе имаат по пет репрезентации, а термини за тест-средби ќе има особено пред почетокот на ЕП 2020.
Многу повеќе компетитивни натпревари
Со воведувањето на Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА) во двегодишниот циклус од едно светско до следното европско првенство репрезентациите вообичаено имаа во просек од осум до 11 квалификациски дуели, во зависност од бројот на селекции во групата и дали потоа играле во баражот за пласман на ЕП.
Но, сега, со Лигата на нациите тој број на компетитивни натпревари (Лига на нации и квалификации за ЕП) ќе се зголеми од најмалку 12 до најмногу 18, во зависност од лигата (А, Б, Ц или Д) и од бројот на репрезентации во квалификациската група за ЕП.