Компанијата „Убер“ пред извесно време најави дека ја избра Индија како една од првите пет дестинации во која би можело да се имплементира нивниот најнов меѓународен проект наречен „Убер еир сити“ во следните пет години. За потсетување, „Убер“ е една од најголемите компании за такси-транспорт, пренесување храна, која изминатите години доживеа вистински подем во Соединетите Американски Држави и во поголемите земји во Европа. Компанијата функционира така што преку апликација на паметните телефони, корисниците може да нарачаат возило до одредена локација и преку џипиес-координати возачот може да го пронајде оној што го повикува возилото. „Убер“ е алтернатива за користење на такси-услугите, апликација што во Македонија сè уште не се користи.
По долга евалуација на поголемите земји во светот, најновата идеја на „Убер“, наречена „Елевејт“ (платформа за летачко такси), се очекува да се спроведе во неколку земји. Додека со сигурност е потврдено дека во Лос Анџелес и во Далас во САД ќе има обид за имплементирање на летачкото такси, се претпоставува и дека Јапонија, Индија, Австралија, Бразил и Франција се дел од нациите во кои е можно да се имплементира идејата. „Убер“ ќе избере една од овие 5 земји за да почне да го тестира и имплементира проектот.
– Мумбај, Њу Делхи и Бенгалуру се едни од најгусто населените градови во светот, каде што патување од само неколку километри може да потрае и по неколку часа. „Убер еир“ ќе понуди огромни можности за да се помогне при транспорт во густо населени градови, како и во места каде што има големи сообраќајни метежи – изјавија од компанијата.
„Убер еир“ исто така најави и планови за тестирање систем за доставување пратки преку дронови и ги демонстрира потенцијалот и можностите, кои ќе ги понуди за подобрување на транспортните системи во големите градови.
Ерик Алисон, првиот човек на секторот за авијација во „Убер“, најави дека целта на компанијата е што побрза имплементација на најновите системи на компанијата во Азија.
Во следните пет години, корисниците на „Убер“ ќе имаат можност преку своите паметни телефони да си нарачаат локален лет за пристапна сума пари. За да ги овозможи овие најнови услови, американскиот гигант состави мрежа од соработници и компании што произведуваат возила, компании што работат со недвижнини, компании за развој на софтвер и многу други.
Претходно, Далас и Лос Анџелес беа првите два града во кои беше потврдено дека ќе се имплементира летачкото такси на „Убер“, со можност истото тоа да се случи и во други земји во светот.
Идејата за поставување летачки транспорт ја поддржуваат и владите на земјите во кои „Убер“ има цел да инвестира, па, така, повеќе државници од Азија потврдија дека постои голем потенцијал за летачките возила. Дополнително, тие сметаат дека транспортот со летање во густо населените градови би помогнал да се зголеми мобилноста меѓу големите градски центри, да се развива туризмот, но и да се подобрат операциите за помош при природни катастрофи.
Се очекува компанијата да влезе во директна соработка со бизниси од земјите во кои ќе инвестираат за „Убер елевејт“. Компанијата веќе има поставено критериуми за тоа кои се условите што треба да ги исполнува третиот град во кој ќе се имплементира идејата: голем пазар, посветеност на локалните компании и добри услови во инфраструктурата.