Летачкиот риболов, или познат како мушичарење, е древна вештина стара речиси два милениума, која и денес е многу распространета

Има многу техники на риболов, кои се разликуваат по начинот на фаќање, приборот или видот на рибата што се лови. Една од многу распространетите е т.н. мушичарење или, популарно нареченo, летaчки риболов. Меѓу повеќето риболовци владее мислење дека мушичарењето е најдобриот и најхуман начин на риболов, кој бара посебен прибор, вештина на риболовецот, како и владеење со рибарскиот прибор поради специфичноста на оваа техника и изборот на вештачки мушички за риболов.

Летaчкиот риболов е древна вештина, стара речиси два милениума, која и денес е многу распространета, а многумина ја сметаат и како совршенство на риболовот. Овој начин на риболов бара, пред сѐ, умешност во фрлањето и презентацијата на вештачката мушичка, големо искуство во извлекувањето на уловената риба, а потребно е и големо знаење за инсектите што се составен дел од исхраната на рибите.

Но што е основно за еден риболовец да почне да се занимава со мушичарење? Пред сѐ, добрата волја, а другото доаѓа само по себе. Во почетокот не треба да се тежнее кон набавка на скапоцен прибор за мушичарење ни за врзување на мушичката, туку да се користи поевтин, додека рибарот почетник констатира дали навистина ќе го заинтересира овој начин на риболов.

Најдобро е ако риболовецот има некој пријател мушичар, па да се обиде да риболови со неговиот прибор, како и тој да му ги објасни основните техники на фрлање и презентација на мушичките. За почеток не треба почетникот да се обидува сам да прави мушички, оти за него тоа ќе изгледа премногу комплицирано, па може да се случи и да се откаже. Кога веќе ќе се позајми прибор, потребно е да го стори истото тоа и со повеќе мушички, а по првата уловена риба, сигурно ќе посака да има и свој прибор и полека да почне со правење свои креации. Основно што на почетникот му треба од приборот за риболов е еден мушичарски стап, чекрк и неколку мушички, а подоцна и чизми и риболовен комбинeзон.

Во суштина, мушичарењето не е нималку едноставна техника на риболов. Напротив, бара многу знаење, вештина и упорност. Познато е дека повеќето рибари мушичари често се поддржувачи на движењетo „фати и пушти“, што многу поволно влијае на заштитата на рибниот фонд.

На крајот, без разлика со која техника се ловат рибите, односот кон рибите и природата мора да биде со почит.

 


Ловен туризам

Ловниот туризам создавајќи му приходи на ловџијата, може да создаде и дополнителни приходи за локалното население, да биде добар начин за заштита на природата и контрола за одржување на животинските видови

Ловниот туризам подразбира туристичко патување што се презема за лов на диви животини, било во слободна природа (дивина) или во простор што е посебно обликуван и наменет за лов. За праисторискиот човек, ловот бил една од најстарите човечки активности уште во камената доба, но и начин за опстанок во животот. Во античко време, тој служел како средство за стекнување воени вештини, додека во средниот век, со помош на лакот и стрелата, на човекот му служел во воените походи, но и како вид забава. Во античката доба се појавуваат првите закони во врска со ловот, кој, пак, може да се третира и како спорт, забава, туристичка атракција, стопанска дејност.

Ловниот туризам создавајќи му приходи на ловџијата, може да создаде и дополнителни приходи за локалното население, да биде добар начин за заштита на природата и контрола за одржување на животинските видови, нормално притоа треба да се почитуваат постојните правилници.

Секоја дестинација во рамките на ловниот туризам треба да има некои од ловните објекти, средства, опрема, како што се на пример ловечка куќа, колиба, објект каде што се испробува оружјето, е лоциран блиску до ловечката куќа.

За ловен туризам е потребна и ловечка дозвола, која може да биде месечна и годишна. Барање за добивање ловечка дозвола се поднесува до корисникот на ловиштето. Со барањето, лицето е должно да приложи и докази за исполнување на условите за добивање ваква ловечка дозвола, се разбира во согласност со законот.