Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров и неговиот тим Нант втора сезона по ред се пласираа во четвртфиналната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ), откако во драматичниот осминафинален реванш-меч славеа над германскиот вицепрвак Левен, со 30-27.
Со овој резултат ракометарите на Нант ја анулираа негативата од два гола од првиот натпревар и си обезбедија место меѓу најдобрите осум екипи. Противник на Нант на патот кон фајналфорот во Келн ќе му биде шпанскиот гигант и некогашен клуб на Лазаров, Барселона, кој со првото место по групната фаза си обезбеди директно место во четврт-финалето. Лазаров постигна два гола во победата над Левен, за кој настапува Филип Талески.
Успешен осминафинален реванш одиграа и ракометрите на Киелце, кои по нерешениот исход во првиот дуел (33-33) со украинскиот првак Мотор на Жарко Пешевски, во возвратниот меч славеа со 34-29, па во следната фаза за противник ќе го имаат францускиот ѕвезден тим на Раул Гонзалес, ПСЖ.
Предводени од крилните ракометари Мануел Штрлек (седум гола), Гашпар Маргуч (пет), Дејан Манасков (четири) и Драган Гајиќ (три), ракометарите на Веспрем забележаа убедлива победа на домашен терен и ставија точка на најуспешната сезона на португалскиот првак Спортинг, победувајќи го со 35-29 или со вкупен резултат 65-57. Противник на Унгарците во четвртфиналните пресметки ќе биде поуспешниот од синоќешниот дуел помеѓу Мешков Брест и Фленсбург.
Рутинска победа славеше македонскиот првак Вардар, кој во реваншот со Загреб влезе со предност од девет гола од првиот меч, а во саботата вардарци предводени од Хрватот Иван Чупиќ (девет гола) славеа со 32-30. Вардар на патот кон третиот едноподруго фајналфор-турнир ќе се сретне со подобриот од синоќешниот дуел Сегед – Висла.