Сириски воени извори ги демантираат информациите дека е извршен ракетен напад врз военовоздухопловната база Шајрат во провинцијата Хомс, пренесува ДПА.
Извори за агенцијата тврдат дека сириската противракетна одбрана се активирала вчера рано утрината, но се покажало дека тревогата е лажна.
Сириската државна агенција Сана претходно пренесе дека противракетната одбрана пресретнала некои од наводните проектили. Други медиуми јавија дека биле неутрализирани девет ракети. Таквите информации во сириската државна телевизија подоцна беа извадени од вестите.
Воздухопловната база Шајрат е истата таа што САД ја нападнаа минатата година како одговор на нападот со сарин на градот Хаин Шејхун, кој е под контрола на бунтовниците.
Во меѓувреме продолжуваат обвинувањата на релација Москва – Вашингтон.
– Провокативното сценарио во Сирија го подготви Вашингтон. Сѐ се развиваше според сценариото, кое однапред го подготви Вашингтон. САД, Британија, Франција и уште некои држави брзо ја обвинија сириската власт по лажните вести од „Белите шлемови“ – изјави постојаниот претставник на Русија во Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ), Александар Шулгин.
Тој додаде дека потоа се издадени „бучни“ соопштенија дека постојат некои доверливи податоци дека сириската влада повторно сторила злосторство против сопствениот народ и оти тоа не смее да мине неказнето.
– Ниту еден сведок ниту пациент во болница не е пронајден. Не се пронајдени никакви траги од хемиско оружје. Успеавме да ги најдеме тие што учествуваа во создавање на овој лажен видеозапис, кој е прикажан како доказ за напад со хемиско оружје – порача тој.