Проблемот со кучињата-скитници не е мал, како што на прв поглед изгледа. Во Тетово за овој проблем се разговараше на советот на градот и се најави програма за можни решенија. По многуте поплаки на граѓаните, советниците едногласно ја изгласаа предлог-одлуката за решавање на проблемот со кучињата-скитници. Според програмата, месечно ќе бидат заловувани дваесет кучиња, за што ќе се одвојуваат 500 илјади денари, пари од буџетот на општината Тетово.
Во Кичево се спроведе акција за чипирање на 130 кучиња-скитници. Средствата од околу 20.000 евра што беа предвидени за оваа намена се потрошија и не беше целосно реализиран проектот. За негово спроведување ќе се почека до наредната година кога ќе можат да се издвојат средства од буџетот, велат од општината Кичево.
Со кучињата-скитници нема проблем само градот Скопје. Имено, изминатиов период постојано се случува да има пријави од страна на граѓаните за напади од кучиња-скитници. Последниот случај се однесува на напад од куче-скитник на осумдесетгодишна жена од селото Сопотница, кој се случил викендов. Според билтенот од МВР, жената била касната во пределот на десната нога. Притоа случајот е пријавен во Полициската станица во Демир Хисар од страна на лекар од итна медицинска помош.