За втора титула сезонава ќе играат Мане, кој е европски првак со Ливерпул, и Марез, кој, пак, е англиски шампион со Манчестер сити, откако Сенегал
и Алжир ќе се сретнат вечерва во мечот за титулата првак на Африка
Фудбалските репрезентации на Сенегал и на Алжир се среќаваат во финалето на 32. издание на Купот на нации на Африка, од 21 часот, на Интернационалниот стадион во Каиро (Египет). Сенегал ќе игра за својата прва титула, а Алжир за нова, по таа во 1990 година.
Садио Мане од Сенегал и Ријад Марез од Алжир, членови на англиските фудбалски премиерлигаши Ливерпул, односно Манчестер сити, вечерва ќе имаат можност да освојат уште еден трофеј сезонава, по клупските. Мане со Ливерпул во мај стана европски првак, а Марез со Манчестер сити ја освои титулата англиски шампион. Од другите фудбалери на Ливерпул, голманот Алисон Бекер и напаѓачот Роберто Фирмино се закитија со уште една титула сезонава, откако со Бразил неодамна станаа прваци на Јужна Америка. Од членовите на Манчестер сити, пак, истиот трофеј го освоија и Габриел Жезус, Фернандињо и Едерсон.
Мане и Марез до финалето на Купот на нациите постигнаа по три гола за своите репрезентации. На патот до финалето двете селекции се сретнаа во групната фаза, кога победи Алжир со 1-0. Алжир славеше во сите седум меча на годинашниот Куп на нации, со вкупна гол-разлика 12-2. Сенегал, пак, ги доби другите шест дуела, со вкупна гол-разлика на тие мечеви 8-0.
Покрај титулата Алжир одигра и уште едно финале, во 1980 година, а Сенегал настапи во мечот за трофејот во 2002 година, кога капитен на репрезентацијата беше сегашниот селектор Алиоу Сисе.