За многумина кујната претставува срце на домот. Сега брендовите како „Самсунг“ и „Бош“ се натпреваруваат со технолошките компании „Гугл“ или „Амазон“ за тоа кој ќе доминира со кујните, чии апарати се приклучени на Интернет, како и со разните кујнски машинчиња.
Но, и покрај тоа, т.н. паметни кујни тешко се продаваат. Многумина кујната и времето за домашни оброци и понатаму ги сметаат за бегство од постојаната мрежна поврзаност. Само 5 отсто од американските домаќинства имаат паметни кујнски апарати, што претставува скок од 3 отсто во однос на 2014 година, истакнува истражувачката компанија „Паркс асошиејтс“.
– Дали ќе бидеме сведоци на реинвенција на кујната, како што беше во случајот со дневната соба? Мислам дека тоа нема да се случи прекуноќ. Секогаш ќе постои скепса – размислува гласно Мајкл Вулф, технолошки аналитичар.
Луѓето се двоумат околу воведувањето паметни апарати во кујната, најмногу поради трошоците за одржување на ваквите направи, кои користат скапи компоненти. Наедно, стравуваат дека фрижидерот со екран на допир за 5 години би можел да изгледа застарено.
А бидејќи повеќето паметни апарати се поврзани на Интернет, тие имаат камери или микрофони, па оттука луѓето се загрижени и за губењето на приватноста.
Се очекува глобалниот пазар на кујнски апарати да процвета до 2020, со вкупен профит од 253,4 милијарди долари, во однос на оној од 175 милијарди во 2014 година, наведува истражувачката компанија „Алаид маркет рисрч“.
„Самсунг“, водечкиот произведувач на телефони, минатата година ја претстави новата верзија на паметен фрижидер „фемили хаб“, кој разбира гласовни команди и има екран на допир со големина од 55 сантиметри. „Самсунг“ фрижидерот го претстави како нов контролен центар во домот, со цена од околу 3.500 долари. Целта на оваа компанија е еден ден луѓето да ги водат своите дигитални животи со еднаква леснотија преку фрижидерот, телефонот, телевизорот или, пак, автомобилот. Со помош на вашите податоци зачувани во облаче и со помош на виртуелниот асистент – сите машини ќе функционираат совршено синхронизирано, обезбедувајќи на тој начин максимално ефикасен живот во вашиот дом.
„Бош“ има малку поконзервативен пристап. Нивните паметни машини за миење садови, рерните и апаратите за кафе, со цени од 1.300 до 3.000 долари, изгледаат како обични кујнски апарати и се поврзуваат со Интернет само заради дијагностика.
– Кога и да зборуваме со потрошувачите, добиваме од нив повратна информација дека ја ценат технологијата што им го олеснува животот, но и дека не сакаат да се плеткаат со дополнителни компликации – вели Ања Прешер, маркетинг-директорка за бренд на „Бош“.
Многу луѓе ги користат звучниците „амазон ехо“ или „гугл хоум“. И двата бренда имаат паметни виртуелни асистенти, кои ги активираат бројачите во кујната и пронаоѓаат рецепти.
Ричард Гунтер, консултант за софтвер во „Анаполис“ (Мериленд), го користи својот „амазон ехо“, а поседува и паметна рерна „товала“, вредна 399 долари, која ги идентификува оброците и одредува соодветна температура и време за нивното приготвување.
Сепак, тој вели дека го истражувал „фемили хаб“ на „Самсунг“, додавајќи дека го одвратила помислата дека ќе користи камери додека се приготвува храната. Зошто едноставно не би ја отворил рерната за да си провери?
– Немам време сега да внимавам и на тоа дали сум скенирал нешто и дали сум го оставил млекото токму на истото место на кое било претходно, а притоа да се грижам дали со него сум ја прикрил видливоста на некое парче овошје во фрижидерот – вели тој. С.Р.