Бугарија може да ја преземе воздушната контрола над земјава кога таа ќе влезе во НАТО, под услов Алијансата да ѝ ја довери оваа задача на Софија и Македонија да се согласи со тоа, пишуваат бугарските медиуми, а домашните воени експерти потврдуваат дека тоа се вообичаени решенија кога некоја од членките нема сопствена воена авијација
Авиони на воените воздухопловства на Италија и на Грција, како членки на НАТО, во соработка со војската на Црна Гора, од пред неполн месец, почнаа редовно да патролираат низ црногорскиот воздушен простор и да вршат негова заштита. Цел на мисиите на НАТО за контрола на воздушниот простор, според црногорските медиуми, е да го штитат небото над земјите-членки на Алијансата, кои немаат сопствени воени воздухопловства. Медиумите пишуваат дека за оваа намена Црна Гора годишно ќе плаќа по 475.000 евра.
– Заштитата на воздушниот простор е една од најзначајните форми на директна полза од членството на Црна Гора во НАТО. Црна Гора од сојузниците ќе добие поддршка за заштита на воздушниот простор преку мисија на НАТО од невоен карактер – се наведува во соопштението на црногорското министерство за одбрана.
По оваа, но и по најавата дека Македонија наскоро ќе добие покана за членство во НАТО, повторно се наметнува прашањето дали нашето небо треба да го бранат странски борбени авиони во моментите кога Македонија би му се приклучила на сојузот, и чии авиони би можеле тоа да бидат.
Во меѓувреме, бугарскиот портал „Вести“, на оваа тема пишува дека Бугарија може да ја преземе воздушната контрола над Македонија кога земјата ќе влезе во НАТО и ако Алијансата ѝ ја довери оваа задача на Софија. Друг бугарски портал, „Прес“, пак, наведува дека ова сценарио може да се случи единствено доколку официјална Софија набави нови повеќенаменски борбени авиони и доколку Македонија се согласи Бугарија да ја преземе безбедноста на нејзиното небо. Како што информира порталот, ова може да стане реалност бидејќи Бугарија веќе неколку години врши радарско набљудување на воздушниот простор над Македонија по линија на воздушен оперативен центар на НАТО.
Стручната јавност во земјава е согласна дека решението што го прифати Црна Гора е исклучително важно и за Македонија од повеќе аспекти, првенствено поради тоа што нашата држава на јулскиот самит за НАТО има реална шанса да добие покана да стане 30-та членка на сојузот.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски го анализира ова прашање повеќе од воено-одбранбен агол. Тој подвлекува дека овие процеси низ кои минува Црна Гора сега не се ништо ново и оти сето тоа е стандардна процедура што е составен дел од функционирањето на НАТО. Експертот објаснува дека станува збор за практика што е дел од интегрираниот систем за одбрана на НАТО.
– Овој систем на воздушни операции се применува на просторите каде што членките на НАТО се граничат со држави што не се членки. Тој е активен повеќе од една декада во Европа и функционира со германски борбени авиони над небото над Естонија, Латвија и Литванија уште од 2004 година кога овие држави станаа дел од Алијансата. На Балканот, пак, првпат ваквата ситуација беше активирана веднаш по приемот на Словенија во НАТО. Тогаш словенечкото небо на големи височини беше заштитено од авионите на Италија, а на пониски висини редовни контроли на безбедноста вршеа домашните летала на словенечката авијација – вели Стефаноски.
Аналитичарот објаснува дека овој механизам првенствено е воведен од НАТО како алатка за намалување на трошоците од една страна и за зголемувањето на довербата во сојузничките војски од друга страна.
Според Стефаноски, сосема логично е што овој механизам НАТО го употребува на Балканот.
Пензионираниот полковник Благоја Марковски во своја изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека она што сега се случува во Црна Гора е само продолжение на процесот што во НАТО се нарекува „паметна одбрана“, кој подразбира дека во недостиг од одредени средства или опрема на одредена земја тие можат да ѝ бидат на располагање на земјата од сојузниците доколку истата таа го побара тоа или доколку се создадат услови и потреби за тој чин – објаснува Марковски.
Според него, во таа смисла и Македонија едно време работеше на слична акција каква што сега се спроведува во Црна Гора.
– Во минатото беше замислено одбраната на воздушниот простор над Македонија, со оглед на тоа дека ние немаме своја воена авијација, освен хеликоптерите, да биде извршувана на високи висини од страна на леталата на државите-членки на сојузот од нашето соседство, а на пониски висини тоа да го правиме ние со своите борбени хеликоптери. Така што овие случувања не се ништо ново за безбедносниот сектор – вели Марковски.