Во приказнава што сакам сега да ви ја раскажам само почетокот малку ми е… не ми се допаѓа. Почнува со дијалог, а јас сум научен приказните да ги почнувам со „некогаш, во старо време…“ Било како било… – Слушај ваму, слону еден! Види го, гледај ме в очи! Покажи малку култура!… Мислиш дека секогаш победува посилниот, а? Мислиш ако сум глушец треба секогаш да сум понижуван, навредуван и…
Слушај ја мојава експликација: и сила, ама и ум! Ме разбра?!… Тикви ме разбра! Овде приказната е со три точки бидејќи на слонот му требало време за да размисли и да му одговори на глушецот. Што се однесува до експликацијата, овој странски збор можеме слободно да го замениме со неколку наши збора: објаснување, разјаснување, толкување или со зборот излагање. Така… А, мислата од… Кој џеб беше?… Кој?… Благодарам, задниот: Купи ден помини… помина и замина! Успешен ден!
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме. Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија. Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!