Претседателот на Јужна Кореја Мун Јае-ин и неговата администрација имаат големи планови за Корејскиот Полуостров, кои ја надминуваат нуклеарната тематика. Во последниот говор пред корејскиот народ, тој ги истакна своите цели за една нормална, економски динамична и заемно корисна врска помеѓу Северна и Јужна Кореја. Сеул сака повторно да ги поврзе двете земји со заеднички пруги и со автопати од двете страни на границата, за засилување на трговските односи и за создавање еден многу попросперитетен Корејски Полуостров
Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин успеа да извојува уште еден триумф во неговата долгорочна мисија да ги приближи двете Кореи. Мун и неговиот севернокорејски лидер Ким Јонг-ун на минатонеделниот самит во Пјонгјанг порачаа дека е постигнат договор полуостровот да се претвори во „зона на мирот без нуклеарни оружја и закани“. За таа цел, Ким вети дека ќе ги затвори или ќе ги уништи главните полигони и другата инфраструктура за тестирање ракети и атомско оружје, кои се дел од контроверзната нуклеарна програма на Пјонгјанг.
Резултатите од самитот меѓу лидерите на двете Кореи веднаш ги поздрави и американскиот претседател Доналд Трамп. Од Белата куќа стигна порака дека САД се подготвени да ги продолжат преговорите за денуклеаризација со Северна Кореја, кои заглавија во ќор-сокак по историската средба во јуни меѓу Трамп и Ким.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ин, е човек што го потроши поголемиот дел од својата политичка кариера обидувајќи се да ги приближи двете Кореи. Со секое откажување, одложување или вербална мини-војна помеѓу САД и Северна Кореја, неговата задача „да ги подмачка шините“ во потрагата по внатрекорејско помирување станува сѐ потешка.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп и Мун јавно се изјаснија дека прават заеднички напори во однос на проблемот со Северна Кореја, нивните позиции не се баш најидеално усогласени.
Белата куќа на Трамп, исто како и во времето на Џорџ Буш, Бил Клинтон и Барка Обама е заинтересирана само за една единствена работа: комплетна, безрезервна и верифицирана денуклеаризација на режимот на Ким. Сѐ друго, без разлика дали станува збор за потпишување мировен договор, нормализација на економските и дипломатски односи, отворањето амбасади и конзулати или едноставно генерална деескалација – ќе биде во функција на таа поставена цел. Во тој поглед, ако Ким Јонг-ун не сака да се раздели од своите нуклеарни боеви глави, балистички проектили и оружјето за масовно уништување, тогаш продолжувањето на дијалогот е само губење драгоцено време.
Од друга страна, денуклеаризацијата за Мун не е најважната работа; напорите да се убеди Пјонгјанг да стане антинуклеарна држава се само дел од долгата низа ставки во планот чија крајна цел е една историска трансформација во меѓусебната перцепција и интеракции помеѓу двете Кореи.
Претседателот Мун и неговата администрација имаат големи планови за Корејскиот Полуостров, кои ја надминуваат нуклеарната тематика. Во минатонеделниот говор пред корејскиот народ, тој ги истакна своите цели за една нормална, економски динамична и заемно корисна врска помеѓу Северна и Јужна Кореја. Сеул сака повторно да ги поврза двете земји со заеднички пруги и со автопати од двете страни на границата, за засилување на трговските односи и за создавање еден многу попросперитетен Корејски Полуостров.
Мун зборуваше за повторно отворање на индустрискиот комплекс „Касон“, за враќањето на прекуграничните туристички обиколки на планината Кумганг, како и за воспоставување на она што тој го нарече „источноазиски енергетски и економски заедници“, групирање во специјални економски зони по текот на границата север-југ и корејска верзија на кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“, сигурна транспортна мрежа што ќе ги опфаќа областите од јужниот брег на Јужна Кореја, па далеку на север, до источните пристаништа на Русија.
Работата е премногу јасна – Мун сака да ѝ даде што е можно појако темпо на својата мировна иницијатива, не само со тоа што ќе ја намали реакцијата на домашната политичка опозиција, со која ќе се соочи во „наттрчувањето“ на Американците, туку и да ја зајакне својата позиција како лидер и државник. Тој го ризикуваше целиот свој претседателски мандат за корејскиот мир и за помирувањето помеѓу двете сестрински земји, задача што на крајот може да испадне „оптимизам без покритие“, како што е впрочем и комплетната, веродостојна и неповратна демонтажа на севернокорејското нуклеарно оружје.
Секако, ако Мун се надева дека ќе спроведе барем некој од овие планови, ќе му биде неопходна соработка со САД, нацијата што има моќ да стави „вето“ (преку Советот за безбедност на Обединетите нации) на сите обиди да се олеснат мултилатералните санкции што го притискаат Пјонгјанг. Без помошта на Вашингтон во врска со ова, Сеул опасно би се доближил до линијата на прекршување на правилата на Советот за безбедност на ОН. Ако преговорите за денуклеаризација помеѓу Америка и Северна Кореја постојано се одолжуваат или целосно пропаднат, тогаш Мун ќе се соочи со најголемата загатка во неговата политичка кариера. Дали тој ќе се откаже од своето животно залагање за соединување на двете Кореи во заедничка, мирна прегратка, за да не се замери со Трамп? Или и понатаму ќе врши притисок за дипломатска нормализација и формална декларација за крај на „војната“ и покрај противењето на САД, земја што го смета за неприфатливо дури и најмалото зближување помеѓу двете Кореи, ако не постојат нуклеарни отстапки од страна на Северна Кореја?
Првата опција за Јужна Кореја би била игра на претпазливост, зашто таа сепак гледа на одбранбената алијанса со САД како на важен „безбедносен чадор“. Од друга страна, втората опција би била реализација на животната амбиција на Мун.
Ниту една од двете опции не е лесна и Мун многу брзо можеби ќе мора да носи одлука, имајќи ги предвид осцилациите во американско-севернокорејските односи. Вашингтон и Пјонгјанг само за неколку месеци драматично ги менуваа позициите, од меѓусебни пофалби до закани за нуклеарно уништување.