Одиме да победиме, но нема да биде лесно, вели селекторот Давитков, пред последниот меч (19.30 ч.) од оваа претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2021, во кој Македонија игра за да го потврди првото место во групата
Македонската машка кошаркарска репрезентација е на добар пат да направи исчекор напред и да се пласира во вториот квалификациски циклус (од вкупно три за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Последна пречка во оваа фаза за црвено-жолтите е Швајцарија (19.30 ч. во Фрибург), од која избраниците на селекторот Јорданчо Давитков можат да си дозволат и пораз, но не поголем од 15 поени разлика за да го освојат првото место во групата. Македонија во Скопје убедливо ја совлада Швајцарија со 83-68, кога двоцифрен број кошеви впишаа Ричард Хендрикс (16 поени), Бобан Стајиќ и Стојан Ѓуроски (по 11) и Дамјан Стојановски (10).
– Одиме да победиме, но нема да биде лесно. Желба ни е да ја продолжиме серијата победи. Многумина очекуваат само да се појавиме на паркетот, но ќе мораме максимално да се испотиме. Швајцарците ќе се обидат да го искористат домашниот терен, но ќе се потрудиме да им парираме. Имавме добар претквалификациски циклус, победивме на трите меча и изградивме добра атмосфера. Изминатите 10 дена добро трениравме, а успеавме да го вклопиме и новиот Американец Шејн Витингтон – вели Давитков.
Македонија е првопласирана во групата А, со три победи од исто толку средби, а Швајцарија има по една победа и пораз. Првопласираните од секоја од трите групи, како и најдобрата меѓу второпласираните селекциите, обезбедуваат понатамошен пласман. Во вториот круг Македонија во групата Б би играла со последнопласираните од групите Ц и Д од квалификациите за Светското првенство во 2019 година во Кина (сега тоа се Косово и Хрватска, но до крајот на тие квалификации има уште две кола).