За разлика од штуката, која напаѓа во миг и ако не го фати пленот се откажува од гонење, кострежот го брка својот плен на поголеми растојанија, притоа правејќи многу маневри

Кострежот е една од најатрактивните риби за ловење, бидејќи се храни речиси во текот на целата година, па и почетниците можат да бидат успешни, а не само поискусните рибари. Помладите кострежи можат да се ловат во текот на целиот ден, а поголемите само кога се поволни условите за риболов. Кострежот има многу вкусно месо, без многу ситни коски. Може да достигне должина и до 50 см, да биде тешка до 3-4 кг, а да живее и до 50 години. Едногодишен костреж е долг и до 7,2 см, од пет години околу 12 см, од 10 години околу 18 см, од 15 години околу 23-24 см итн. Уловените примероци најчесто се тешки до 200 грама. Тоа е риба што е лесно препознатлива, пред сѐ поради нејзиниот специфичен изглед, кој говори дека се работи за воден грабливец. Страничните делови од телото се сплескани, грбот е зелено-маслинест, со пет до девет црни линии, кои служат за поумешно криење. Стомачниот дел е белкаст или жолтеникав, а опашката мала.

Стомачните перки се жолто-портокалови, а опашот зелено-сивкаст. Грбната перка е дводелна. На крајот од првиот дел на грбната перка има црн знак. Имаат карактеристични црни костреж-очи и ситни остри заби. Иако е грабливец, кострежот не е брз пливач и најчесто напаѓа од заседа. Кога ќе го забележи пленот се вкочанува, а ги шири перките кога тргнува во напад. За разлика од штуката, која напаѓа во миг и ако не го фати пленот се откажува од гонење, кострежот го брка својот плен на поголеми растојанија. Добра одлика е што има голема контрола на своите движења, притоа правејќи многу маневри со често забрзување, запирање, па повторно забрзување. Јатата на кострежи се составени најчесто од риби со иста големина и колку се помлади, толку јатото е поголемо. Со доаѓањето на ноќта јатото се растура, а следното утро повторно се собира. Младите од овој вид се хранат со планктони, а подоцна со помали риби. Во почетокот на есента кострежите се собираат во поголеми јата и бараат место на кое ќе презимат.


Најактивен е над 14 степени

Кострежот го има во сите води во цела Европа, освен во Шкотска и во Норвешка, а помалку во Италија и во Шпанија. Го има најчесто во потопените дрвја, зад бетонските блокови, поголемите камења, водните растенија. Кострежот лови во јато, кога ќе остари дејствува самостојно, но најактивен е кога температурата во водата е над 14 степени.