Македонската филхармонија и Здружението на џез-уметници на Македонија, на 12 април (четврток) во 20 часот, ќе одржат електроакустичен концерт на Џијан Емин. На концертот ќе биде изведена нова, авторска музика на македонскиот композитор, аранжер и инструменталист Џијан Емин, која ќе ја изведат околу 40 музичари, членови на Македонската филхармонија, додека еден дел ќе биде составен од најактивните џез-музичари во Македонија. Насловот на концертот на некој начин го објаснува и самиот концепт на концертот.
Како што вели Емин, тој му дава одредена очекувана естетика, која можеби веќе создава и одредена музичка слика кај слушателите. – Кај мене, пак, се јавува простор за послободно музичко изразување и желба за музика, која се создава во самиот момент на случувањето, користејќи ја моќта на организираната импровизација. Секако за терминот електронски да биде оправдан, ќе се користат благодатите на модерната технологија, но овој пат на неконвенционален начин со директно аплицирање на оркестарските подгрупи и солистите со чиј процес ќе добиеме нови звучни слики и текстури – вели Емин.