Утревечер, во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Север и југ“, на кој како солист ќе се претстави маестралниот руско-германски пијанист Евгениј Судбин. Според „Телеграф“, Евгениј Судбин е потенцијално еден од најголемите пијанисти на 21 век, а според „Индипендент“, тој е пијанист со невообичаена чувствителност и префинетост. Славниот пијанист за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар во А-мол од Едвард Григ. На овој концерт ќе биде промовирано новото концертно пијано од марката „стенвеј“, кое како донација Македонската филхармонија го доби од компанијата „Страбаг Аг“.
Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин, а оваа вечер ќе бидат изведени уште три впечатливи дела, увертирата „Маскарада“ од Карл Нилсен, „Процесија до Росио“ од Хоакин Турина и свитата „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.
Евгениј Судбин е ексклузивен уметник за „БИС рекордс“ и неговите снимки добиваат високи признанија, вклучувајќи ги и „ЦД на месецот“ според магазинот „Би-би-си“ или „Избор на уредникот“ на „Грамофон“. Неговото цеде со дела од Скрјабин, на пример, беше прогласено за цеде на годината од „Телеграф“ и ја доби наградата за најдобра солистичка снимка на саемот за музика МИДЕМ во Кан. Судбин е и еден од најактивните концертни пијанисти, кој настапува во сите престижни концертни сали, како што се „Тонхале“ во Цирих, „Ројал фестивал хол“, „Вигмор хол“ во Лондон, „Концертгебау“ во Амстердам, „Авери Фишер“ во Њујорк…, соработувајќи со оркестри како што се „Нов Зеланд симфонија“,симфонискиот оркестар „Ванкувер“, Лондонската филхармонија, филхармонијата „Би-би-си“, Кралската филхармонија во Ливерпул…
Неговата изведба на Концертот бр. 1 од Рахмањинов на Би-би-си промс во „Ројал Алберт хол“ беше опишана од „Телеграф“ како возвишена. Судбин соработува со едни од најголемите диригенти денес, меѓу кои и со Нееме Јарви, Владимир Ашкенази, Чарлс Дутоа, Хану Линту, Туган Сокиев… Неговите идни ангажмани вклучуваат концертни настапи и договори за изданија со „Тапиола синфониета“ и маестро Осмо Ванска, Холандската филхармонија и Ивор Болтон, Ротердам филхармонијата и Станислав Кочановски, како и голема турнеја во Северна Америка.