Симфонискиот концерт „Ну погоди“, кој премиерно се изведе во Градскиот парк во јуни, повторно ќе прозвучи во Македонската филхармонија оваа сабота во 12 часот. Најмладите ќе имаат можност да ја слушнат музиката од популарните култни цртани филмови – „Ну Погоди“, „Балтазар“, „Козле Бозле“, „Мечето Ушко“, „Пинк Пантер“. Музичката изведба ќе биде збогатена со видеопроекција на цртаните, а аниматор е Мартин Јордановски.
Филмовите, кои ќе имаат можност да ги видат и чујат најмладите, всушност се цртани со кои израснаа нивните родители. Нарацијата ќе ја следи оваа нишка од музичката приказна на цртаните филмови – ќе им укаже на децата дека и нивните родители кога биле деца гледале цртани филмови. Концертот е убава можност за заедничка дружба на родителите со децата преку фантастичните цртани филмови, кои имаат одлична приказна и музичка илустрација. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин, а аранжманите се на Владимир Николов.
Во камерната сала на Македонската филхармонија, пак, в петок, во 20 часот ќе настапи гитарското „Трио Елогио“, основано од тројца исклучителни гитаристи – Петрит Чеку (Косово), Педро Рибеиро Родригез (Португалија) и Томислав Вукшиќ (Хрватска). На програмата се дела од Моцарт, Руждјак, Рахманинов, Шуберт…
Триото реализира голем број концерти особено на европските фестивали. Посебен придонес даваат за зачувување на хрватското звучно творештво, а неодамна го снимија и нивното ново цеде со дела од Моцарт, Руждјак и Дворжак.
Петрит Чеку (1985) е роден во Косово каде што го започнал музичкото образование, а кога се преселил во Загреб (2002) продолжил да студира на тамошната Музичка академија каде што и дипломирал. Од 2009 до 2013 година се усовршувал на конзерваториумот „Пибоди“ во Балтимор. Неговиот исклучителен сензибилитет и експресивност ги привлекуваат публиката и критичарите низ светот.
Томислав Вукшиќ (Загреб, 1980) дипломирал гитара во Загреб, а постдипломските студии ги завршил на Кралскиот конзерваториум во Ден Хаг, кога му е доделена престижна стипендија за талентирани студенти. Добитник е на неколку награди на хрватските државни и меѓународни натпревари за гитара, а во моментов работи како доцент на Музичката академија во Загреб. Педро Рибеиро Родригез е класичен гитарист од Португалија и работи како солист, камерен музичар, педагог и аранжер. На својот прв носач на звук („Нумерика“ 2013) ги изведува сонатите на Карлос Сеиксас во сопствена обработка за гитара, што е единствената солистичка гитарска снимка во целост посветена на тој португалски композитор.