Според некои истражувања, тајните агенти што биле стручни за неконвенционални начини на војување во феудална Јапонија, познати како нинџи или шиноби, користеле маски во вид на свештеници, трговци, јасновидци и др. Нивните задачи се состоеле од саботажа, инфилтрирање и атентати, па затоа понекогаш се маскирале како комусо, бидејќи големата кошница што ја носеле на главата го криела вистинскиот идентитет

Занимливости

Јапонија се одликува со многу специфична традиција, култури и обичаи. Во овој контекст, особено е интересна појавата на комусо, монахот питач од будистичката школа што е позната како Фуке. Нивна главна карактеристика е сламената кошница што ја носеле на главата и со која го затскривале својот идентитет. Истражувачите веруваат дека оваа сламена кошница е всушност манифестација на отсуството за персонално его.
Овие монаси питачи исто така се познати по изведувањето мелодија (хонкиоку) со помош на флејта од бамбус, која е позната како шакухачи. Мелодијата се користела во текот на медитацијата позната како суизен, а преку самата мелодија требало да се постигне просветлување. Оваа медитација преку свирење со шакухачи била во спротивност од медитацијата со седење, која е практикувана од повеќето следбеници на зен-будизмот. Овие монаси ја создале будистичката секта Фуке, но таа никогаш не била признаена за официјално учење на зен-будизмот. Според една легенда, која потекнува од 1795 година, во средината на 13 век од Кина се вратил еден јапонски свештеник што со себе ја донел флејтата, која е позната како шакухачи.

Најстариот извор што посведочува за флејтата хонкиоку може да се датира од 1664 година, а првата физичка претстава на споменатите монаси питачи се сретнува во текстови и слики од 15 век и 16 век. Не постојат докази за постоење на претходна традиција според која монасите свират на шакухачи. Според постојните информации, се верува дека во 1518 година, шакухачи се третирал како инструмент што им припаѓал на дворските музичари, кои се познати како гагаку.
Во текот на периодот едо и владеењето на шогунатот Токугава, патувањето низ Јапонија било ограничено, но монасите од сектата Фуке успевале да добијат дозвола за движење, најверојатно поради политички причини. Дозволата за слободно патување била особено невообичаена за овој период, затоа некои истражувачи веруваат дека монасите доставувале информации до централната власт за состојбата во провинциите. Најголемиот број нови монаси биле поранешни самураи, кои станале религиозни лица. Бидејќи нивните поранешни господари биле поразени од Токугава и биле непријатели на новата власт, шогунатот гледал на многубројните монаси со недоверба и како на можен дестабилизирачки фактор.

По периодот едо, јапонската влада воведе реформи што доведоа до укинување на сектата Фуке, иако записите за музичкиот репертоар преживеаја и се возобновуваат денес. Монасите и нивните оригинални музички парчиња остануваат неизбришлив дел од културата и историјата на Јапонија.
Според некои истражувања, тајните агенти што биле стручни за неконвенционални начини на војување во феудална Јапонија, познати како нинџи или шиноби, користеле маски во вид на свештеници, трговци, јасновидци и др. Нивните задачи се состоеле од инфилтрирање, атентати и саботажа, па затоа понекогаш се маскирале како комусо, бидејќи големата кошница што ја носеле на главата го криела вистинскиот идентитет.