Се откриваат плановите дека има сериозни обиди да се почне ископување на Месечината во наредните години. Компанијата „Ерплејн груп“, со седиште во Париз, вели дека се надева дека ќе испрати научна мисија до нашиот сосед пред 2025 година, со надеж дека ќе почне обидот за доведување делови од неговата површина на Земјата. Компанијата работи и ќе биде во блиска соработка со Европската вселенска агенција, како дел од едногодишниот договор за истражување на можноста и подготовка на мисија за истражување на површината на Месечината. Ракетниот производител „Ерплејн груп“ ќе соработува со голем број различни организации, како и со ЕСА, за да најде начин како да се овозможи една целосно лунарна мисија. Тие се надеваат дека на површината на Месечината ќе можат да најдат реголит. Реголитот претставува слој на лабави хетерогени површни депозити што ги покриваат карпите.
Во реголитот може да се најдат прашина, почва, скршена карпа и други материјали. Тој може да се искористи за напојување мисии со кои ќе може подлабоко да се продре во вселената, како на пример Марс и пошироко. Исто така, истражувањата на НАСА покажуваат дека на површината на Месечината има големи количества вода, а таа може да биде дел од решението за создавање одржлив развој на вселенското истражување.
– Реголит е руда од која е можно да се извлечат вода и кислород, со што може да се овозможи независно човечко присуство на Месечината, способно за производство на гориво што ќе биде потребно за пооддалечените истражувачки мисии – велат од „Ерплејн груп“.
Освен „Ерплејн груп“, има и други компании што се заинтересирани за истражување на Месечината. Една од нив е и „Мун експрес“, која претставува прва приватна компанија во историјата што доби дозвола од Владата да патува надвор од орбитата на Земјата уште во 2017 година. Таа привлече 20 милиони долари од приватен капитал за да овозможи ваков тип мисии. Ова го носи вкупниот износ на приватни инвестиции до 45 милиони долари од инвеститорите и веќе се договорени две пробни лансирања во 2019 година.
Д-р Дејвид Паркер, директор за човечки и роботски истражувања во ЕСА, вели дека користењето на ресурсите од вселената би можело да биде клучно за одржливото лунарно истражување и дека новиот проект е дел од планот за Европската вселенска агенција да ја направи Европа централен дел од вселенското истражување на организациите низ целиот свет. Голем број земји и организации, вклучувајќи ги НАСА и руската и кинеската вселенска агенција, ја истражуваат можноста за користење на Месечината како основа за идни истражување на остатокот од Сончевиот систем.
Позитивната работа е што првичните мисии нема да имаат потреба од користење луѓе за да одат на Месечината, најверојатно ќе бидат пратени некакви уреди или роботи.