Само пикерот на Левен четири пати беше сместен во тим на колото сезонава, а по три вакви признанија имаа Дибиров, Мирхол, Маласинскас, Пуховски и А. Душебаев
Пикерот на Левен, Јаник Колбахар, е најдобриот ракометар во групната фаза од Лигата на шампиони (ЛШ) според критериумот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), која ги избираше најдобрите играчи во секое коло. Германскиот репрезентативец е единствениот меѓу ракометарите што во 14-те избори на ЕХФ четири пати се најде во идеалниот тим на колото во ЛШ. Веднаш зад него е неговиот колега по позиција од Скјерн, Бјарте Мирхол, кој трипати доби место во идеалната седморка на колото.
Украинскиот првак Мотор ги има најдобрите организатори на играта меѓу централните бекови. Аиденас Маласинскас и Барус Пуховски по трипати се најдоа во најдобрата постава на колото, а по три вакви признанија од ЕХФ имаа и десниот бек на Киелце, Алекс Душебаев, и левото крило на Вардар, Тимур Дибиров. На десната крилна позиција тројца ракометари по двапати беа сместени во идеалниот тим на колото – Лук Абало (ПСЖ), Марио Шоштариќ (Сегед) и Валтер Кринтц (Кристијанстад), а двапати левиот бек на Спортинг Карол Марзо.
Вкупно 13 голмани добија место во најдобрите тимови на колото, а Шпанецот Гонзало Перез де Варгаз е единствениот меѓу чуварите на мрежата што двапати се најде меѓу најдобрите седуммина.
Десниот бек на Монпелје, Мелвин Ричардсон, со 87 реализации е најефикасниот ракометар по 14 меча од групната фаза во ЛШ. Втор на листата стрелци е Белорусинот Пуховски со 80 гола, а трет е централниот бек на Левен, Енди Шмид со 78 погодоци.