Да се обидам најпрвин да одговорам како би се одредил поимот „книжевен класик“. Веднаш се поврзува со долготрајното влијание на неговото книжевно дело врз генерации и генерации читатели, неговата несмалена (или растечка) актуелност низ временскиот проток и селекција, низ природноста и неисцрпноста на нашето читателско внимание. Прозата (како и поетското и драмското творештво) на класикот успева да му одолее на времето без особени штети, напротив, без оглед во кој конкретен период и социјална стварност е создавана, нејзиното универзално препознавање и естетското и хуманистичко дејствување ги маѓепса идните читатели. Литературата на класикот ја задржува својата градителска функција во идните рецепции кај книжевната критика и публика. Класикот со силата на уметничкиот облик на своето дело на суштински начин ги поврзува времињата.
Во форматирањето на книжевниот класик, освен временскиот, секако е многу важен и просторниот фактор. Затоа, на пример, се разликуваат европските книжевни класици (Данте, Шекспир, Сервантес, Монтењ…) од националните. На националните литератури класиците им се неопходни како темелници, кога националната, културолошка димензија на нивното творештво е барем исто толку важна како креативната. Во таа смисла, Кочо Рацин и Блаже Конески се втемелија како македонски книжевни класици. Покрај сите нивните очевидни, неоспорни, исклучително важни доблести во градењето на нашиот книжевен, културен и национален идентитет, би им ги приклучил од порано, од минатиот век, делото, личноста и судбината на Григор Прличев, моќна, трагична поетска фигура, чии остварувања, но и живот, долготрајно инспирираат.
Сите тројца, и Прличев, и Рацин, и Конески, се поети, иако имаат и прозни остварувања, но под вредноста на нивниот поетски опус.
Така, повторно се враќам на главното прашање на ова размислување, кој македонски прозаист би можело да се означи за класик.
Неговата проза треба да е манифестно актуелна во нејзините препрочитувања, допадлива за современи преработки и високо вреднувана и денес, без оглед на тоа кога е и во кој контекст создавана. Во таа смисла, изборот на македонскиот прозен класик има очевидно разминување во однос на малата временска дистанца од остварувањата на моите постари современици, па затоа би го оставил отворен. Би го спомнал како своевиден претходник, иако не како класик, големиот собирач на народни приказни со евидентен раскажувачки талент – авторот на „Силјан Штркот“, Марко Цепенков. Веројатно дека и самиот Цепенков, кој умира заборавен и во сиромаштија, не би верувал колкаво ќе биде влијанието на неговите доработени народни приказни врз низа значајни дела од македонски современи автори, драматурзи и раскажувачи.
Сега, откако го одложивме изборот на можниот класик на македонската проза, доаѓаме до второто суштинско прашање, каков ќе биде во иднина третманот на книжевните класици, „домашните“, и светските. Од една страна, логично и еволутивно е да им се остави на идните генерации критичари и читатели да одлучуваат кои се (ќе останат) класици на македонската и светска проза. Но, од друга страна, нема да им биде лесно. Невидената технолошка експанзија, кога кај младите ајфоните експресно ги заменуваат книгите и не сме соочени само со опаѓањето на читателската публика, со нејзината површност и конфузија, туку и со опаѓањето на критериумскиот однос кон книжевното дело, го проблематизира и прашањето на книжевните класици. Мошне разнишаната позиција на книжевните класици во современата лектирна практика, особено на полето на романот, што во последниве децении има убедливо доминантен примат меѓу читателите, покажува како ефемерните хит-изданија (сосем) ги потиснаа класичните прозни дела. Се проретчуваат читателите на Толстој, Флобер, Мопасан, Пирандело… Спротивно, во хиперпродукцијата на нови книжевни сочиненија и автори желни за успех прекуноќ, кога секој новодојден пишувач може да се нарече автор (а самодовербата си ја засилува преку месечната бројка на продадени книги или преку лајковите на Фејсбук),
Во Македонија ситуацијата е уште подрастична – станува збор за мал книжевен пазар, пренатрпан со нови изданија пред кои оние вредните се губат. Намалениот број читатели поради две главни причини – заминувањето од земниот живот кај постарите и заминувањето од државата кај младите, ја ослабнува вредносната компонента на рецепцијата. Тиражот од стотина продадени книги се смета за голем успех! (Порано ми беше чудно што преводите на моите книги во странство се купуваат повеќе отколку оригиналите на македонски, сега тој трогателен факт го гледам кај делата на многумина мои балкански современици). Заразата со забавните, изненадувачки, постојано во наоѓање забави и изненадувања нови медиуми е глобална, но во малите држави како нашава, таа буквално ја маргинализира литературата. И процесот на читање, уште повеќе на вреднување литература е крајно проблематичен.
Како тогаш и дали ќе опстојат класиците? Ќе завршат ли во изолираните кабинети на академските кругови? Во печатен или во електронски облик. Сеедно.