проф. д-р Кирил Темков
Целиот човечки свет е всушност големо мнозинство од личности. Секоја има особен живот и свој лик. Секој за себе е Јас, сопство, определено суштество. Секоја личност со свои постапки, знаења, верувања, мечти, животни навики и карактеристики. Според нив ја препознаваме таа личност, но и таа себеси се самопознава.
Ознака за самиот себе е поимот Јас. Тоа е сила што ги држи заедно деловите на нашето тело и нашиот ум и доживувања, тие да бидат осознаени како едно и единствено. Тоа се оние нешта што му припаѓаат само на едно исто суштество.
Кога сум свесен за себе како Јас, јас се осмислувам и се реализирам како целост, како нешто определено и живо, како некој чии својства, мисли и постапки се исти, едногласни. Кога зборувам за Ти или за Тоа, Тој и Таа, имам предвид некое друго суштество, блиско или далечно од мене, кое е за себе јас, кое исто така има свои особености. Кога спомнувам Ние, Вие или Тие, станува збор за повеќе личности. Првите од нив се поврзани со моето јас, но секој од нив има свој идентитет. Другите личности исто така имаат свои особени својства, свое јас, кое е подалечно од мене.
Значи, Јас е најсилен белег на личното постоење. Етиката посочува дека треба да се внимава на своето јас, но истовремено да се чува Јас (сопството) на другите. Во тоа заедничко достоинство на сите личности, во меѓусебен почит и грижа лежи најголемата победа на човечкиот ум и морал. Да се вивне највисоко како доблесна личност, но и да се ограничи себеси и негативните сили, токму за да ги достигне позитивните вредности и да прави добрина.
Кога живееме со желба да правиме добро и кога сме свртени кон другите, тогаш сме од полза и за себеси. Нашето Јас тогаш е белег на вистински човек. Во таков случај одат заедно физичките, психичките и моралните карактеристики на една слободна и добра личност, за таа да го достигне својот врв, а во својата среќа да биде придружувана од надежта, љубовта и почитта кон најблиските.
Етичка мисла
Работата и добрината се први човекови должности
Италијански писател Едмондо де Амичис