Станарите на домот за стари лица „Мајка Тереза“ се израдуваа на книгите што им ги подарија „Нова Македонија и „Македоника литера“, истакнувајќи дека сега во периодот на пандемијата времето најчесто го поминуваат во читање, додека се очекува домот да формира сопствена библиотека годинава
„Нова Македонија“ во посета на домот за стари лица „Мајка Тереза“’
Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ и издавачката куќа „Македоника литера“, во пресрет на празниците, им подарија книги на станарите што престојуваат во домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани. Раководителот Дејан Петров, заедно со дел од штитениците што добија книги, ни раскажа за животот во домот, нивното секојдневие и за љубовта кон книгата и пишаниот збор.
– Секојдневието во домот обично е исполнето со богат социјален живот, меѓутоа не и во услови на пандемија. Контактите се намалени, односно нема контакт со надворешните соработници. Како резултат на тоа, ние немаме заболени од ковид-19. Имавме само еден случај во април, но заболената имаше блага клиничка слика и помина лесно без симптоми, а сега е на возраст од 90 години. Книгата е најдобриот пријател за старите лица во домот, што помага во разбивањето на секојдневието и монотонијата. Очекуваме во најскоро време да изградиме катче на книгата, каде што ќе имаме и библиотекар што ќе се грижи за книгите. Добивме донации од неколку библиотеки, меѓу кои „Страшо Пинџур“ и „Браќа Миладиновци“, и очекуваме голем број донации и во иднина, за формирање на библиотеката што ја планираме во 2021 година – изјави Дејан Петров.
Домот е во рамките на специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
Станарите што престојуваат во „Мајка Тереза“ велат дека времето го поминуваат во читање и во дружење.
– Времето го поминувам со читање и плетење. Учествувам и во литературната секција, пишувам поезија и ја издадов мојата прва стихозбирка на 83 години, со што многу се гордеам. Одвај чекам да почнам да работам во библиотеката – изјави поетесата Мирослава Богатинова, која почнала да пишува на 78-годишна возраст, односно кога дошла во домот. Таа раскажува дека во домот сите се пријатели и се дружељубиви. А персоналот е, како што таа вели, одличен и ги чува, помагајќи им за секоја потреба.
– Тие се многу трудољубиви и хумани лица, почнувајќи од домаќинките, па до раководителот. Секојпат кога некој ќе ме праша како ми е, мојот одговор е дека живеам како во хотел со пет ѕвезди – низ смеа раскажува Богатинова.
Лилјана Синадиновска, пак, добила идеја за подарување книги на внуците, кога сфатила дека станарите во домот нема да бидат во можност да излезат и да им купат подароци на најблиските, поради пандемијата. Внуците сега ќе можат да добијат на подарок книги од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ на „Македоника литера“, кои беа подарени во рамките на неодамнешната посета.
– Сакавме да им подариме книги за празниците и на нашите внучиња, но не бевме во можност да го сториме тоа поради ситуацијата. Мојата внука, која има шест години, сака да чита и да црта, така што многу ќе се израдува на книгите, а кога ќе ја видам следен пат ќе ѝ прераскажувам приказни што сум ги прочитала – вели Синадиновска. И таа, исто како и Богатинова, со нетрпение чека да се опреми библиотеката, во која вели дека ќе уживаат и оние што во иднина ќе престојуваат во него. В.Т.