Поради климатските промени, кои судејќи по сушната есен што ја одложи есенската сеидба веќе ја зафатија Македонија, експертите укажуваат дека е неопходно преземање долгорочни соодветни мерки за заштита на земјоделството и за ублажување на последиците
Поради високите температури и недостигот од дожд, во Македонија есенската сеидба на житните култури е одложена за најмалку 15 дена. Невообичаено високите температури, кои се над просекот за овој период од годината, како и недостигот од дожд може да влијаат врз целокупното земјоделско производство, а со тоа и врз производството на храна.
Експертите посочуваат дека сѐ уште има време да се спаси есенската сеидба, но неопходен е дожд да ја навлажни земјата.
– Најбитно во овој период е да имаме врнежи што ќе ја навлажнат почвата и ќе овозможат да почне есенската сеидба. Ако не се испочитуваат роковите на сеидбата постои ризик за самата култура, бидејќи ќе се изместат термините за никнување и понатамошно растење на растението. Сепак, крајниот резултат зависи и од понатамошните временски услови, битно е какво ќе биде времето и во следните месеци, за да може културата да ги помине сите фази на развој – вели Вјекослав Танасковиќ, декан на Факултет за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).
Тој додаде дека ако продолжи времето вака сигурно дека ќе влијае врз родот и врз културата, но напомена дека сепак е рано да се каже како ќе влијае врз приносите на житните култури.
– Битно е за сеидбата да има доволно влага во почвата за да може да никнат пченицата, пченката, јачменот… и другите житни култури. Но од друга страна има ризик, ако се посее сега бидејќи поради високите температури културите многу брзо ќе изртат, што исто така не е поволно. Роковите минуваат. Карактеристично е есенската сеидба да се одвива од 15 октомври до 5, а најдоцна до 10 ноември, поради што сега е битно да има дожд и да се зголеми влажноста на земјата. Секако има и пролетна сеидба, која исто така е битна, но од друга страна кај нас се покажало дека есенската сеидба е најплодна. Да се надеваме дека наскоро ќе имаме врнежи, бидејќи сегашната состојба е сериозна – додаде Танасковиќ
Поради долготрајниот сушен период, проследен со рекордни високи температури, резервите на влага во подлабоките слоеви на земјиштето се намалени и тоа многу неповолно се одразува врз состојбата на сите земјоделски култури. Ваквите временски појави, како и големите невремиња, кои сѐ почесто се случуваат, се резултат на климатските промени, за кои низ годините укажуваа домашни и странски експерти. Предупредувањата се насочени пред сѐ кон влошување на временските услови, кои ќе бидат особено штетни врз земјоделството, поради што се неопходни промени во начинот на производство. Топлото време и недостигот од вода ги намалуваат приносите на жито, на градинарските култури, а намалени се и приносите на фуражните култури. Ова доведува до помало производство на храна, како за луѓето така и за животните. Поради ова, државата мора да се подготви за климатските промени, особено земјоделскиот сектор.
– Секоја одложена сеидба на житните култури ќе се одрази и врз приносите. Сеидбата во Пелагонија воопшто не е почната, бидејќи овде нема заврнато од август, земјата е пресува, па земјоделците дури не ги ни ораат нивите. Ако наврне дожд во следниве десетина дена ќе се посади, во спротивно не знам што ќе биде. Јас сум земјоделец триесетина години и секоја година го забележувам влијанието на климатските промени врз земјоделството. Во последниве години немаме класично лето, ниту есен, или зима, сѐ е некако изместено. Сепак, имаме два земјоделски факултета и еден институт, и тие можат да предложат кои нови типови култури треба да се одгледуваат или, пак, какви современи и поотпорни семиња треба да се користат за да се избориме со климатските промени. Вакви чекори веќе се преземаат во Србија и во Хрватска и тие даваат резултат – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.
Тантаров истакна дека оваа година ќе има најмалку засадени површини со пченица, но не само поради временските непогоди, туку и поради малиот интерес кај земјоделците, кои се разочарани од ниските откупни цени. Тој смета дека истиот проблем ќе се јави и при одгледувањето на пченката, која се продава за само 8 денари за килограм.
– Неопходно е за житните култури да има и државна помош, за да се избегне тие да исчезнат од нашите ниви, како што е случајот со шеќерната репка, ’ржта, сончогледот… дури и со јачменот, кој сѐ помалку се одгледува, зашто нема кој да го купи. Друг голем проблем е што и покрај тоа што бевме најбогата држава со системи за наводнување во времето на Југославија, денес со нив не се управува правилно и не се искористуваат нивните придобивки – додава Тантаров.
Домашните експерти истакнуваат дека климата во Македонија е веќе сменета и дека е неопходно преземање соодветни мерки за заштита на земјоделството и за ублажување на последиците.
– Македонија треба сериозно да пристапи кон подготовка на земјоделството со поекономично наводнување, системите да ги зачуваме и реновираме, бидејќи водата ќе ја има сѐ помалку. Наводнувањето ќе стане неминовна агротехничка мерка во иднина – истакна поранешниот професор на Факултетот за земјоделство во Штип, Илија Каров.
Тој нагласи дека државата треба да размислува да направи сериозен проект за садење култури, кои бараат помалку вода за навoднување и кои имаат пократок период на вегетација.
Експертите се согласни дека на Македонија ѝ е потребна сериозна студија, која ќе даде насоки како да се ублажат штетите од климатските промени врз земјоделството.
Во публикацијата насловена „Земјоделството и предизвиците од климатските промени“ се наведува дека поради климатските промени приносите насекаде во светот ќе се намалуваат за по околу два отсто во текот на секоја деценија до крајот на векот. Извештајот предупредува дека климатските промени претставуваат „сериозен ризик за безбедноста на храната, дури и со адаптација“ доколку глобалната температура се зголеми за четири степени Целзиусови до крајот на векот.
– Доколку температурата се зголеми за два степена во споредба со просечните температури во 20 век приносите од пченка, ориз и пченица значително ќе се намалат до 2050 година. Почестите суши и поплави исто така се очекува негативно да влијаат врз целокупното земјоделско производство насекаде во светот – се вели во извештајот.
Очекувањата се климатските промени да влијаат врз сите аспекти на безбедноста на храната. Одредени сценарија за климатските промени посочуваат дека со зголемување на просечната температура во светот, приносите од некои култури ќе се зголемат доколку се преместат посеверно.
– Република Македонија ќе биде меѓу првите земји што ќе има потопли лета со помалку врнежи, но од друга страна врнежите ќе бидат поинтензивни, придружени со град, подолготрајни топлотни бранови и поизразени суши и поплави. Негативните ефекти на климатските промени ќе имаат најголемо влијание врз земјоделството во споредба со другите сектори во земјата, и со тоа ќе се намалат приносите кај најголем дел од културите. Анализата на различни сценарија за климатските промени за Македонија покажа дека средната годишна температура ќе се зголеми за еден степен Целзиусов до 2025 и за 1,9 до 2050, додека средните врнежи се очекува да се намалат за 3 до 5 проценти во истиот период, што значи дека ќе се зголеми аридноста на почвата – се нагласува во извештајот.
Ќе мора да се инвестира во системи за наводнување
Зголемувањето на температурата и недостигот од водата ќе ги оштетат овошките, ќе предизвикаат изгореници кај грозјето, ќе ги намалат родот и квалитетот воопшто, па така и пазарната вредност на производите.
– Многу е важно да се воведат мерки за поефикасно користење на водата, да се инвестира во наводнувањето и во применливи мерки за адаптација поврзани со одгледувањето на самите култури и тие треба да се комбинираат со детални економски анализи за да се оцени економската изводливост и трошковната ефективност на тие мерки. Без адаптивни мерки и без наводнување, приносите од сите култури во најранливите делови од земјата ќе се намалат. Иако постојат големи разлики кај проекциите, сепак постои општа согласност дека по 2050 година влијанијата врз голем број едногодишни и повеќегодишни култури во најголемиот дел од земјата ќе бидат негативни – се наведува во публикацијата „Земјоделството и предизвиците од климатските промени“.
Се предлага и воведување национална програма за поддршка на пченицата и на сончогледот за да се зачува економската исплатливост на овие култури. Поддршката може да се дава во форма на субвенции за продажната цена или, пак, субвенции за инвестиции во системи за собирање вода и за наводнување.
И водостојот на Дунав значително намален
Потврда за климатските промените што се случуваат кај нас и во светот се и неодамнешните написи, во медиумите во соседна Србија, за алармантно ниското ниво на водостојот на реката Дунав, како во Србија така и во Будимпешта, Унгарија.
Водостојот на реката Дунав во Будимпешта падна на историскиот минимум, а истото тоа се случува и во Србија. Според хидрологот од Републичкиот хидрометеоролошки завод, Дејан Владиковиќ, Дунав во Србија е на најниско ниво од 1909 година, кога во Нови Сад беа измерени 134 сантиметри.
– Сѐ уште не сме го достигнале тој минимум од 1909 година. Многу ниски вредности на водостојот на Дунав имавме и во 2003 година во август и септември, како и во декември 2011 година. Она што е извесно е дека екстремните вредности кон минимум и кон максимум ќе бидат сѐ почести, како последица на климатските промени и на тоа мора да се приспособиме – изјави Владиковиќ за српските медиуми.