Денес, кога живееме во иднината, која како да ја нема, вреди да погледнеме наназад во времето, кога барем сегашноста постоеше. Годината 1976 беше нулта година за панкот, а следната година, 1977, неговата прва, истовремено и последна. Најверојатно така и требало да биде. Тоа беше време на економска, социјална и морална криза. Конечниот конфликт помеѓу генерациите беше неизбежен. Тогаш, токму тогаш се појави панкот, создаден од незадоволни и невработени тинејџери. Денес, најновите академски анализи за овој феномен укажуваат на постоење на панк-однесување и мода, панк-новинарство, панк-уметност, панк-музика, панк-однесување и панк-политика. Сѐ почна со панк-музиката, која имаше два стила: плебејски, или социјалреалистички стил, и артрок-стил.
Најтипичен претставник на плебејскиот панк-стил е групата „Клеш“. Најзначајната постава на овој бенд ја сочинуваа Џон Грем Мелор (ритам гитара и вокал), попознат како Џо Страмер, Миг Џонс (соло-гитара и вокал), Пол Симонон (бас-гитара) и Ники Хидон (тапани). Бендот е основан во 1976 година во Лондон, еден од носителите на првиот бран на британското панк-движење и бенд што имаше големо влијание врз историјата на рокенролот. Тие во својата музика вешто вметнуваа елементи на реге, фанк и рокабили-звуци, со што обединија палета музички стилови, општо прифатени од многу бендови што се појавија на музичката сцена подоцна. „Клеш“ е втемелувач на ска-сцената во Британија, а подоцна стана носител на целокупната ска-панк сцена. Инаку, овој бенд е производ на влијание на две стилски одредби на англискиот рок на 1970-тите години.
Првата е глитер-музиката, а втората паб-рокот. Музиката што ја создаваше бендот беше нов и интересен хибрид. Од една страна блага гламурозност, а од друга невидено лудување во комуникацијата на бендот со публиката. Па, така, „Клеш“ се покажаа како млади момци, кои преку забава и лудување создаваа политичка мисла. Посебна приказна се нивните песни, кои беа еден вид бунтовен повик до младите, преку што „Клеш“ беше вистински социјално ангажиран бенд што ја изразуваше радикалната страна на панк-движењето.
Најбитно од сѐ е дека овој бенд свиреше изворен панк-рок. Текстовите на нивните музички нумери беа посветени на незадоволството на работничката класа за состојбите во општеството, а бендот пееше и за типичните проблеми на младите. Творци се на „направи сам“ етосот на панкот, чие влијание беше многу распространето и трајно. Нивниот легендарен прв албум е насловен како и самата група – „Клеш“. Доколку првите хитови на групата „Секс пистолс“ беа симбол на панкерскиот удар во мевот на зачмаеното британско општество, тогаш првенецот на „Клеш“ беше свест и совест на тој напад на младите врз политичкиот естаблишмент. Албумот беше токму тоа што го сакавме и сѐ што мислевме дека е панкот: две минути експлозивно огорчување. Со позитивни интонации, тоа доаѓаше низ грлото на Џо Страмер. Лидерите на групата имаа поделени улоги: Мик Џонс беше заинтересиран за музичката страна на приказната на „Клеш“, а Џо Страмер целосно уживаше во идеологијата што ја проповедаа неговите текстови. Џонс имаше стил, а Страмер и стил и став. Панк-текстовите на „Клеш“ најчесто обработуваа актуелни и отворени политички теми. Расната политика од седумдесеттите години од минатиот век е застапена во песната „White Riot“.
Тоа е песна на работ на експлозијата – песна во која се пее за нереди на улиците. Таа е вистинска дефиниција на панкот и прв увид во тоа што е панк-став. Недоследностите на правосудниот систем се опеани во песната „Bank Robber“. И во оваа песна провејуваат борбеноста и конфронтацијата, кои произлегуваа од пораката во текстот. Очигледно беше дека пораката е најбитна од сѐ. Не можам а да не ја споменам песната „Подрумска земја“, во која на критиките порачуваат дека се подрумски бенд и дека доаѓаат од подрумска земја, од која може многу да се каже, бидејќи колку си подлабоко, увидот во работите е подобар.
Со текот на времето „Клеш“ станува една од панк-групите со најразновидна музика, па, така, во нивните албуми тие имаа влијание од реге-музиката, што е најочигледно во нивниот најголем хит „London Calling“, а во основата на синглот „Should I Stay or Should I Go“ провејуваа рокабили-звуците. Во 1979 г. им се случи албумот „London Calling“. Овој албум е совршен доказ за созревањето на панк-клинците од „Клеш“, кои сакаа светот да го чуе тоа што тие го говорат. Со овој албум „Клеш“ оригиналната улична порака ја претвори во универзално разбирлива акциска рок-поезија. Се претставија како верници на промените, подготвени истите тие да ги спроведат.
Денес сѐ уште за „Клеш“ се врзуваат најразлични стории што ја држат тензијата помеѓу веројатното и имагинарното. Така, се прикажува дека најголемиот дел од песните за нивниот прв албум е создаден во станот на бабата на Мик Џонс, во еден лондонски солитер на осумнаесеттиот кат.
Потоа, се истакнува дека членовите на бендот биле слаби деловни луѓе и во своите договори не предвиделе клаузули за вина за штета на нивните концерти, па по таа основа изгубиле многу пари, надоместувајќи штета причинета од нивните обожаватели. Но, сепак, се покажале како големи мајстори за ангажирани текстови и агресивни музички акорди. А во нивниот случај, тоа е и најбитно. Од матичната издавачка куќа Си-би-ес беа претставени како единствен панк-бенд што е релевантен за развојот на овој вид музика. Боно Вокс од „Ју ту“ изјави дека „Клеш“ повеќе од кој било бенд успеал да ги раздвижи тинејџерите во Британија и во Ирска и е нејзаслужен во намерата да создаваат своја музика. И искрено додава дека кој нив ги гледал во живо, тој доживеал едно големо животно искуство. Тој е сосема во право, бидејќи момците од оваа панк-група секој свој настап на сцена го доживуваа како да им е последен во животот. Дефинитивно, во нивната музика имаше сѐ и сешто: панкерска енергија, брутален и рафиниран звук, шокантна мелодија, текст со тежина, политичка ангажираност, став, стил, ароганција, примеси на реге, рокабили, џез, кантри и ска. Некој еднаш кажа дека не знаете што е рокенрол ако не сте ги доживеале „Клеш“ во живо.
Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди