На неодамнешната свеченост што се одржа во Центарот за култура во Кичево беа прогласени најуспешните училишта во собирање ПЕТ-пластична амбалажа, во периодот од 28 декември 2017 до 12 март годинава. Според покажаните резултати, во овој период најуспешни се учениците од ОУ „К.Ј. Питу“, кои собрале 212.350 килограми ПЕТ-пластична амбалажа, или просечно по 294 грама. На второ место според учеството во собирање ПЕТ-пластична амбалажа е ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, со собрани 157 грама.
Третото место му припадна на ОСУ „Дрита“, чии ученици собраа просечно по 89 грама по ученик. За постигнатите резултати овие училишта добија соодветни награди и благодарници. Во рамките на овој настан беа прогласени и најдобрите есеи на истата тема создадени од учениците во двете средни училишта. Првото место според оцените на комисијата го освои Евгенија Николаевска, второнаградена е Сара Божиноска, а третопласиран е Христијан Велески од ОСУ „Мирко Милески“. Кај средношколците од ОСУ „Дритa“ беа наградени два есеи, и тоа на Албана Ријани и на Фарие Селими. Првонаградените средношколци на конкурсот за најдобри есеи како награда добија мобилни телефони. Потоа во холот од Центарот за култура беа изложени изработки на кичевските основци од пластична амбалажа, и тоа на првачињата од ОУ „Санде Штерјоски“ и седмоодделенците од ОУ „К.Ј. Питу“.
– Овој проект, кој ќе се спроведува до 30 април, очекуваме да ги даде посакуваните резултати. Учениците заедно со своите наставници, но и со родителите, на еден креативен начин од искористената пластична амбалажа правеа и нови производи со интересни креации. Од почетокот на собирањето ПЕТ-пластична амбалажа, од 15 мај лани до 12 март годинава, се собрани вкупно 2.044 килограми, или за период од 7 месеци се собрани 54.000 шишиња. Со собраните количества пластична амбалажа придонесовме да се заштеди над 1 тон литри сурова нафта, ја намаливме емисијата на јаглерод диоксид во воздухот и ја заштитивме животната околина. Во оваа акција се вклучени петте градски училишта, како и откупната фирма „Нутривет“ од Скопје – ни рече Елизабета Ристеска, проект-координаторка од ЦРЗ – Кичево.