Со својата панкерска фризура и откачен изглед, енергични и манијакални сценски изведби, Флинт беше една од најпрепознатливите фигури во музиката во 1990-тите години
Кит Флинт, основачот и пејач на „Продиџи“, беше една од најпрепознатливите икони во музиката во 1990-тите години. Тој сними седум албуми со „Продиџи“, кој изврши огромно влијание врз електронската и денс-сцената.
Флинт го основал „Продиџи“ во 1990 година заедно со Хаулет. На почеток бил само танчар во групата, за потоа да биде вокал на некои од нејзините најголеми хитови. Со својата панкерска фризура и откачен изглед, енергични и манијакални сценски изведби, Флинт беше една од најпрепознатливите фигури во музиката во 1990-тите години. Беше „тур де форс“ на британската музичка рејв-сцена.
Тој стана заштитно лице на панк-револуцијата во деведесеттите во Велика Британија.
Повеќето од песните на „Продиџи“ се на врвот на музичките листи во Велика Британија, вклучувајќи го и најновото издание „No Tourists“, кое излезе во ноември 2018 година. Флинт беше популарен поради неговиот вокален придонес кон песните „Firestarter“ и „Breathe“, а двете песни се најдоа на врвот на топ-листите во 1996 година и останаа на таа позиција подолго време. На групата често ѝ се придава важност за воведување на денс-музиката во главното сценарио.
Црно-белото видео на „Firestarter“ каде што Флинт ја тресе главата беше забрането до Би-би-си, откако беше прикажано на „Топ оф попс“. Причината за тоа била што многу родители реагирале дека видеото влијае застрашувачки кај нивните деца, а исто така и текстот од песната бил прогресивен и непрепорачлив за деца. Тоа, всушност, бил и првиот текст на Флинт за бендот.
– Текстовите беа наменети за на сцена, да го прикажат тоа што сум всушност јас. Некои се подлабоки отколку што изгледаат – изјавил Флинт за „Кју магазин“ во 2008 година.
И покрај тоа што беа прифатени од страна на мејнстримот, тие никогаш не им се предадоа на каприците за создавање комерцијална музика.
– Ние сме опасни и возбудливи. Но сега никој не сака да биде опасен. Сега луѓето се насочени кон комерцијални записи, кои се безбедни и само безбедни – изјави Флинт за „Гардијан“, коментирајќи ја модерната поп-музика.
Откако избувна веста за самоубиството на Флинт, многу музички врсници изразија сочувство кон семејството на Флинт. Пејачката Беверли Најт изјави дека „Продиџи“ е еден од најпознатите иновативни, бестрашни, храбри бендови што беа благодат за сцената и Кит беше совршенство за лидер.
– Изгубивме титан – рече Беверли.
Кит остави огромно наследство во панк, реј и рок-музиката. Подоцна беше и организатор на трки со мотори и менаџер.
– Почивај во мир, Кит, ти остави премногу добри спомени зад себе – изјави политичарката Ангела Рајнер.
На врвот на својата популарност, „Продиџи“ гостуваше во Скопје во 1995 година, на легендарниот „Т-фестивал“, а пред неколку години одржа концерт и во Охрид.