Фото: Дарко Андоновски

Еванс Кипкемои Бивот (2;14,08 часа) беше најдобар во машка, а Џедида Карунгу (2;51,24) во женска конкуренција

Скопје вчера беше во знакот на 14-то издание на Скопскиот маратон, кој од година на година расте и се развива и прераснува во македонски спортски бренд, една од најпопуларните, најдобрите и најмасовни манифестации во земјата. Првпат на маратонот настапија рекордни, над 10.000 натпреварувачи во сите категории, од 51 земја во светот. Скопскиот маратон со своето присуство во улога на промотор го увеличи светската рекордерка од 2003 година, Британката Пола Ретклиф (2;15,25 часа).
– Ова беше прекрасен настан. Беше преубаво да се видат толку голем број среќни и задоволни учесници. Трка беше одлична и очигледно е дека сите го сакаат маратонот. Во однос на сѐ што дознав и видов овие неколку дена јасно ми е дека темелите на овој маратон се удрени пред многу години и оти неговиот раст и напредок се неизбежни – истакна Ретклиф.

И додека маратонот се менува и се подобрува, она што е непроменливо со години е доминацијата на маратонц(к)ите од Кенија, кои и годинава ги освоија првите три места.
Победник кај мажите е Еванс Кипкемои Бивот, кој низ целта мина со време од 2;14,08 часа (рекордот на патеката е 2;12,36 часа) за што доби парична награда од 2.000 евра. Втор беше Џон Лангат со време од 2;14,59, а трет Хосеа Руто Кипротич исто така од Кенија (2;28,58 часа).
– Немав некоја одредена тактика, намерата беше со моите сонародници да трчаме заедно, да држиме исто темпо и во финишот кој ќе биде побрз да победи. Среќен сум и задоволен што токму јас успеав да триумфирам, патеката и атмосферата наоколу неа беа супер, а и времето беше во ред. Се надевам дека ќе дојдам повторно и следната година и ќе се обидам пак да победам – изјави Бивот по трката.

Најдобар од македонските маратонци, петтопласиран, беше Александар Кираџиев, кој патеката ја истрча за 2;42,48 часа, малку послабо од ланскиот резултат (2;41,38). Марјан Бонев забележа време од 2;48,33, а Кокан Ајановски 2;54,41 часа.
Во полумаратон одличната форма ја потврди македонскиот атлетичар, младиот Дарио Ивановски (беше победник и на полумаратонот во Белград), кој прв ја мина целта со време од 1;09,10 часа. Втор беше Атанас Анчевски (1;14,44), а трет Милош Ранчиќ 1;15,56).
– Ветив подобар резултат и време, рекорд на Македонија, но не издржав. Кенијците наметнаа многу силно и наглата промена многу тешко ја поднесов и од четвртиот километар до крајот останав сам – изјави Ивановски, кој лани победи со време од 1;11,27 часа, додавајќи оти има само пофални зборови за организација и за патеката, но поради топлото време карактеристично за Скопје во овој период од годинава е тешко е да се истрча најдобро лично време. 


Адријана Поп Арсова со нов рекорд на Македонија

Македонката Адријана Поп Арсова беше трета во женска конкуренција со време од 3;05,04 часа што е нов рекорд на Македонија.
– Беше многу тешко, напорно. Некаде околу 30-от километар добив грчеви, по што до крајот на трката се мачев, повеќе со волја, собрав ментална сила и ја завршив трката, физички бев многу истоштена. Презадоволна сум поради новиот рекорд, иако временските услови и не беа баш најдобри за трчање маратон. Времето што го постигнав е во рамките на моите моментални можности, очекувано на некој начин – изјави Поп Арсова (29), членка на Делта од Скопје.
Првото место ѝ припадна на Кенијката Џедида Карунгу, која трката ја заврши за 2;51,24 часа, втора беше Марија Врајиќ (3;02,00 часа).